Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Да се спроведе европски попис, а не попис каков што Заев договорил на тркалезна маса

Зоран Заев продолжува со распродажбата на државните и националните интереси со единствена цел остварување на своите лични аспирации за власт, пари и моќ. Аболицираниот Заев и неговата криминална банда по којзнае којпат партиските ги ставаат пред државните и националните интереси, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Полека но сигурно Македонија станува непрепознатлива држава за граѓаните кои целиот свој живот го поминале во неа, но Заев не запира тука. Дали Република Македонија и натаму ќе се редефинира, дали ќе се исцртуваат нови граници?
Зоран Заев е должен да им каже на граѓаните дали пред вториот круг од претседателските избори тој се сретнал со Али Ахмети и за што се разговарало на оваа тајна средба. Тој мора да запре со политиката на пазарење на сметка на државните и националните интереси со единствена цел зачувување на својата фотелја на Илинденска б.б.
Функциите се минливи, а Република Македонија е се што имаме, Зоран Заев мора да го разбере ова. Премиерската фотелја не е поважна од интересите на македонските граѓани. Од интерес на граѓаните е да се спроведе Европски попис, а не попис каков што Заев договорил на тркалезна маса, попис на матични броеви. Пописот е статистичка, а не политичка операција, операција од суштинско значење за тековите во една држава.
Заев мора час поскоро да си замине од политиката, овој човек мора веднаш да поднесе оставка за да се стави крај на понижувањата и разочарувањата кои тој им ги сервира на македонските граѓани. Македонија мора да се врати на вистинскиот пат, на патот на реформи и економски просперитет. Стотици наши граѓаните си заминуваат секој месец, на ова мора да се стави крај, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија влегува на светските карти за планинарски патеки

Проектот Македонска Бесконечна Трансверзала, познат и под уметничкото име Sammiana се развива со брзо темпо и веќе оваа година се очекуваат и првите странски планинари.
Целото источно крило во должина од 1166км е веќе дигитално мапирано со сите потребни информации за трасата на оваа наша мега планинарска патека.
Она што е можеби најважно е сепак тоа дека четири секции од источното крило веќе се дел од светската Open Street Map, односно истите веќе се наоѓаат на сите популарни апликации кои ги користат планинарите од целиот свет. Со ова Македонија се вброи на списокот на земји со понуда за долгометражно пешачење и планинарење, односно конечно почнува да се искористува потенцијалот на она што Македонија може да го понуди.
Во југоисточниот регион низ кој поминуваат втората, третата и четвртата секција од источното крило веќе се и теренски маркирани скоро 300км од трансверзалата, додека во останатиот дел од источното крило има маркирани околу 80км од патеката. Со зголемување на температурите ќе се зголеми и темпото на маркирање и целта е до крајот на оваа година целото источно крило освен дигитално да биде маркирано и теренски – ни изјави Гоце Монев, координатор на југоисточниот реон на Асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала која го развива овој проект.
Најголемиот предизвик при маркирањето со кој се соочува асоцијацијата е како што се очекуваше – дивата, а на некои места и легалната сеча на шумите, што води кон уништување не само на маркациите туку и на самата патека.
Се очекува до крајот на оваа година да биде комплетирано и дигитално мапирано и целото западно крило во должина од 870км, со што ќе се комплетира целата трансверзала со вкупна должина од 2070км, најдолга на балканот и една од најдолгите во Европа и светот.
Секоја секција по една трансверзала
Секоја секција од Македонската Бесконечна Трансверзала е воедно и посебна трансверзала сама по себе, па така на светската Open Street мапа веќе се трансверзалите I1- Партизанска, I2 – Јужна Македонска , I3 – Спили и водопади и I4 – Источна Македонска во вкупна должина од 708км. Во следниве месеци на OSM мапите ќе бидат мапирани и I5-Осоговска, I6 – Славишка и I7 – Историска трансверзала.
Европски патеки
Европските патеки Е1 – Е12 се мрежа на долги пешачки патеки кои поминуваат на територијата на цела Европа
Со самото комплетирање се создаваат услови еден огранок од трансверзалата да стане дел од официјалните европски патеки, поточно дел од рутата Е7 која започнува од Португалија и води преку Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Унгарија и во моментов завршува во Србија поточно на нашата северна граница . Дополнително, во иднина ќе може многу лесно, преку кратки странични патеки да се поврземе и со европските патеки Е4 која поминува низ Бугарија и Е6 во северна Грција.
Голем бенефит за руралниот туризам
Со овој проект Македонија ќе стане примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет кои се љубители на трансверзалното планинарење, каде планинарите поминуваат од неколку дена до неколку месеци поминувајќи одредена подолга патека.
Овој тип на туристи се задржуваат многу подолго , што значи голем бенефит за македонскиот туризам и економија, а посебно за развој на средините низ кои поминува трансверзалата. Земајќи во обзир дека посетителите се движат пред се во руралните предели на земјата, каде ги вршат своите набавки и ги користат услугите на локалната заедница, повеќе од очигледни се придобивките за овие подрачја и нивниот развој.
Што е всушност Македонска Бесконечна Трансверзала?
Македонска Бесконечна Трансферзала ( кодно/уметничко име Sammiana ) е мега кружна трансверзала – непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости. Проектот се реализира од страна на асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала и досега се трасирани и дигитално мапирани над 90% од трасата а јавно од неодамна е достапно целото источно крило во должина од 1166км.
Се работи за огромен и импозантен проект, не само поради импресивната должина , туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1500км се нови патеки кои наменски се трасираат за оваа намена.. Дополнително, со трасата се промовираат и многу предели кои се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина.
Повеќе информации за новата македонска мега трансверзала може да се најдат на веб страната www.sammiana.com
ПР
Соопштенија
Престанете да штедите – време е да инвестирате – бесплатен водич за вашиот прв чекор

Ако вашите пари стојат на штедна книшка и заработуваат 1% камата годишно, а инфлацијата „јаде“ 10%, дали навистина штедите или полека губите?
Во време на економска неизвесност, сè повеќе луѓе бараат алтернативи за своите финансии. Но, една работа е јасна – парите не треба да седат, треба да работат. Со оваа идеја, P2P.mk, првата македонска peer-to-peer (P2P) инвестициска платформа, објави бесплатен водич за инвестирање – практичен, разбирлив и дизајниран за сите што сакаат да започнат со инвестирање, но не знаат од каде.
Зошто е важен овој водич?
Повеќето луѓе мислат дека инвестирањето е комплицирано, ризично или резервирано само за финансиски експерти. Вистината е дека секој може да инвестира – само му требаат вистинските информации.
Водичот објаснува:
• Што е P2P инвестирање? – Како функционира и зошто станува сè попопуларно во светот.
• Како да почнете со мал капитал? – Дали е можно да станете инвеститор со само неколку илјади денари? (Одговорот е: да!)
• Како да го минимизирате ризикот? – Стратегии за паметно инвестирање.
• Што треба да знаете пред да вложите? – Разбирање на каматите, роковите и можностите.
Инвестирањето не е само за богатите – туку за паметните
„Луѓето често мислат дека инвестирањето е нешто комплицирано, нешто што го прават само финансиските магнати со огромен капитал. Но, тоа не е точно. Вистината е дека паметните финансиски одлуки започнуваат со знаење, а не со сума на пари. Затоа, решивме да создадеме водич кој ќе ја направи оваа тема достапна за сите“, истакнува Теодор Тодоровски, генерален директор на P2P.mk.
Како да го преземете водичот?
Водичот е целосно бесплатен и достапен за сите што сакаат да научат како да ги зголемат своите финансии. Може да се преземе од официјалната страница на P2P.mk: www.p2p.mk
За P2P.mk
P2P.mk е првата македонска платформа за peer-to-peer (P2P) инвестирање, која им овозможува на луѓето да ги зголемат своите пари преку директно инвестирање во кредити. Наместо класично штедење со ниски каматни стапки, P2P инвестирањето нуди реална можност за раст на капиталот.
Ако некогаш сте се запрашале „Како можам да направам моите пари да работат за мене?“, ова е првиот чекор.
Преземете го водичот денес и дознајте зошто паметните пари не спијат.
ПР
Соопштенија
Рудникот Саса инвестираше во нов систем за рано предупредување од елементарни непогоди

Директорот за Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн го потпишаа документот кој ги утврдува процедурите за соработка, координација и комуникација помеѓу оваа институција и рудникот. Со ова, новиот систем за рано предупредување на Рудник Саса и официјално стана дел од националниот систем за тревожење.

Покрај останатите технички елементи, новиот систем за рано предупредување на Саса вклучува и звучни уреди (сирени) поставени на неколку стратешки локации утврдени со експертска студија. Неговата примарна цел е преку звучни сигнали навремено да ги извести сите, вклучувајќи ги и жителите на населбите во близина на рудникот, како и оние кои живеат по течението на Каменичка река и во градот Македонска Каменица, за потенцијални опасности предизвикани од различни причини и природни непогоди кои можат да го загрозат живот и здравјето на луѓето и материјалните добра. Заради контрола на исправноста на системот предвидено е повремено вклучување на сирените, што ќе се врши согласно утврдените протоколи и во координација со ЦУК. За терминот и времетраењето на ваквите проверки жителите на општината Македонска Каменица ќе бидат навремено известени преку медиумите и други начини за информирање.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски го поздрави поставувањето на новиот систем, истакнувајќи ја неговата превентивна улога за поголема безбедност на целокупната локална заедница. „Горди сме на тоа што нашата општина е прва во нашата земја која има функционален систем за рано предупредување од елементарни непогоди. Заедно со противпожарната кула која неодамна беше направена и ставена во функција, овој систем ќе овозможи рано откривање на потенцијалните ризици по безбедноста на луѓето и материјалните добра, што во голем број случи е пресудно при справувањето со кризни ситуации предизвикани од различни елементарни непогоди“, истакна градоначалникот Атанасовски, заблагодарувајќи се на рудникот Саса за неговата поддршка и вложувањата во реализација на овие проекти.
Инсталирањето на овој систем во Саса се одвиваше паралелно со имплементација на Глобалниот индустриски стандард за управување со јаловишта (GISTM), креиран од страна на Меѓународниот совет за рударство и метали и Програмата за животна средина на Обединетите Нации, со крајна цел – нула штета за луѓето и животната средина.

„Овој современ систем за рано предупредување е само една од многуте активности и проекти во кои инвестиравме за да обезбедиме највисоко ниво на безбедност, што е приоритет број еден во Саса. Токму грижата за луѓето, за нивната безбедност и благосостојба, заедно со заштитата на животната средина и просперитетот на локалната заедница, претставуваат основа за нашиот одржлив развој. Затоа ние во Саса, благодарение на поддршката од групацијата ЦАМЛ каде припаѓаме, и понатаму ќе продолжиме со реализација на ваков вид иницијативи, доследно почитувајќи ги националните регулативи и глобалните индустриски стандарди и принципи на одговорно рударство“, истакна генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн.
Од вклучувањето кон групацијата Централ Азија Металс (ЦАМЛ) во ноември 2017 година, рудникот Саса инвестираше над 80 милиони долари во современа рударска опрема, дигитализација на техничките процеси, реализација на капитални проекти, подобрување на безбедноста, подигнување на стандардите и условите за работа во рудникот, како и во професионалниот развој на вработените, потврдувајќи ја со тоа својата посветеност на одржливото рударство.
ПР текст