Македонија
Продолжува судењето за „Талир“

Во Кривичниот суд во Скопје треба да продолжи судењето за предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Минатото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради отсуство на обвинетиот Леко Ристоски.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес сè уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува поради неприсуство на некој од обвинетите или Судскиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.
Застапник на обвинението е Ленче Ристевска од СЈО.
Во случајот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото перење пари. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се одложи судењето за убиството на бездомното куче Феликс, активистите в недела излегуваат на протест

Се одложи судското рочиште за свирепото убиство на бездомното куче Феликс. Поради тоа, актвистите за заштита на правата на животните повикаа на мирен протестен марш, што ќе се одржи на 15 јуни (недела), со почеток во 12:00 часот, пред Министерството за внатрешни работи.
„Судот немаше друг избор, почитувајќи го начелото на правичност, освен да ја одложи главната расправа поради наводни здравствени причини на бранителот на обвинетиот, токму во момент кога требаше да се произнесе одбраната. Случајност или сепак не?“, велат од граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, кое е организаторт на протестот.
„Вчера требаше да сведочи Злате Димески — предложен од одбраната и присутен на самото место на убиството. Злате Димески го донесе стапот со кој беше убиен Феликс и на видеоснимките се гледа како немо набљудува со рацете зад грб додека Феликс беше немилосрдно претепуван и за жал подоцна им подлегна на повредите“, се наведува во соопштението.
Давањето можност убиецот да го брани лице кое со право може да се смета за соучесник — нем набљудувач кој не само што во ниту еден момент не се обиде да го спречи насилството врз недолжно животно туку и е истиот тој што го обезбеди оружјето за извршување на убиството, според Зелен хуман град, претставува дополнителна неправда и болно извртување на правото на фер судење.
„До кога ќе ја чекаме правдата за Феликс, имајќи ги предвид сите одложувања, годишни одмори, судска ферија? Ќе ја добиеме ли воопшто?“, прашуваат од Здружението.
На протестот ќе побараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од 1 година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
Македонија
(Видео) МВР предаде обемна документација за истрагата за Кочани и никој не е поштеден, вели Петрушевски

Пукна балонот на лаги и манипулации на СДС во врска со истрагата за несреќата во Кочани. Сите може да видат дека институциите постапуваат професионално и неселективно, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Потенцираме дека МВР и институциите на системот ги доставиле сите потребни докази и информации за несреќата во Кочани до јавното обвинителство уште пред еден месец. Сите преземени акции од ЈО до сега, сега и од сега, се исклучиво врз основа на доказите кои ги обезбедиле МВР. МВР предаде обемна документација во ЈО, и никој не е поштеден“, рече тој.
Петрушевски вели дека задача на јавното обвинителство е сега врз основа на обемната документација за случајот која им е предадена да ја лоцираат вината и да подигнат обвиненија за секој еден за кој сметаат дека според правната логика е на било кој начин виновен за пожарот и смртта на децата во Кочани.
„Ниту еден полицаец, функционер, или кој и да е граѓанин кој имал допирна точка со предметот не е изоставен и се е опфатено во документацијата“, рече тој.
Колку е сериозен обемот на документацијата, вели Петрушевски, покажува и фактот дека во овој случај се опфатени над 60 лица, од министри, преку МВР, институциите, бизнисмени, градоначалници, секој еден кој можел да има вина.
„А сега да прашаме, колку лица беа опфатени во истрагата за Модуларната болница? Нула. Колку беа во Беса транс и Ласкарци? Нула. Е сега тоа е разликата од МВР сега и од МВР кога СДС беше на власт. Одговорност има за секој, без разлика кој е и од каде е“, рече Петрушевски.
Македонија
Владата блокира уште 173 интернет-страници за онлајн-коцкање, информира Меџити

Владата донесе одлука за блокирање на 173 интернет-страници за онлајн коцкање, кои на нелегален начин нудеа услуги за игри на среќа во нашата земја, изјави вицепремиерот, Изет Меџити.
„Заедно со 53-те страници што беа блокирани минатиот месец, оваа бројка сега изнесува 226. Замислете за помалку од два месеци затворивме 226 страници за нелегално онлајн коцкање – и оваа бројка не е конечна. Само замислете за еден миг колку длабоко и колку далеку има навлезено мафијата на коцкањето во нашите животи и каква штета има предизвикано кај поединци и семејства погодени од оваа епидемија“, рече тој.
Според него, ова е директен удар врз една криминална мрежа која со години била толерирана и заштитена од структури тесно поврзани со претходната власт.
„За жал, една политичка партија која денес се претставува како чувар на правата и достоинствениот живот на Албанците, беше главен спонзор на коцкањето и вклучувајќи се директно во оваа индустрија, ова политичка партија и го даде на коцкарската мафија потребниот политички штит за да расте и се развива без да ја загрози никој. Како последица, нашите населби беа преполнети со казина, а нашите телефони, таблети и компјутери станаа цел на напад од нелегалните платформи за игри на среќа. Тоа што ДУИ му го направи на албанското општество во Северна Македонија е тешка катастрофа – и за ова катастрофа одговорност ќе има“, рече Меџити.
Ако до вчера имавме казина покрај училиштата, покрај домовите, покрај животите на нашите деца, додаде тој, денес воспоставуваме ред, закон и достоинство.
„До вчера ДУИ градеше коцкарски империи врз сиромаштијата и очајот на Албанците. Денес, ВЛЕН ги урива тие империи на криминалот и ја гради иднината“, рече Меџити.
Според него, за само за една година делувањето на игрите на среќа во земјата е намалено за 40%