Македонија
Ќе остават ли предлог измените на Законот на игрите на среќа повеќе од 7.700 вработени на улица?
Измените на Законот на игрите на среќа и забавни игри кои минатата година во јуни ги предложи група пратеници, денеска влегоа во јавна расправа. На дневен ред се измените со кои се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа задолжително да бидат оддалечени најмалку 500 метри воздушна линија од објекти на училишта, факултети, универзитети, институти, библиотеки и установи во кои се врши дејност на згрижување деца, на што се надоврзува дополнување на законот со кое потврда за оддалеченоста на просторијата до најблискиот објект ќе издава единицата за локална самоуправа.
Ако се направи едноставно онлајн мапирање на два објекта на оддалеченост од 500 м воздушна линија, веднаш станува јасно дека со вакво растојание практично и физички е невозможо да има обложувалница во градско подрачје. Скопје, кој е густо населен град на релативно мала површина, со многу образовни институции на неговата територија, во 500 – те метри радиус околу сите образовни институции колку што постојат, како што е предложено во предлог-измените, не постои простор каде би можело да се отвори објект за игри на среќа. Во малите градови, оваа состојба би била уште поизразена. Вообичаено образовните институции се наоѓаат во централното подрачје, а истите се, буквално, една главна и неколку споредни улици. Така, предлог-измените на законот, најконкретно, би значеле целосно затворање на сите објекти на приредувачите на игри на среќа на територијата на целата држава.
Од тука произлегува прашањето што ќе се случи со вработените во оваа индустрија? Ќе останат ли повеќе од 7.700 вработени на улица? На ова веќе подолго време укажува Асоцијацијата на спортски обложувалници, а ставовите на асоцијацијата и негативните ефекти од предлог-измените неодамна во интервју за „Фактор“ ги изнесе претседателот на АСОМ, Васко Илиески, кој посочи дека доколку се спроведат измените на законот, сите вработени во индустријата ќе ги загубат своите работни места.
„Тоа се 7.700 семејства кои живеат од овој приход, пред сé млади луѓе кои со вработувањето обезбедуваат редовна плата, но и можност за дополнителна заработка за работа на празници и ноќни часови. Тоа им обезбедува сигурност и стабилност и им дава можност да ја планираат својата иднина во земјата. Доколку овие млади луѓе ги загубат своите работни места, ризикуваме да ја напуштат државата, нешто што за нас како држава би било погубно. Сите 7.700 директно вработени во оваа индустрија одржуваат уште седум работни места во други стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува речиси 54.000 работни места. Земајќи ги предвид и членовите на семејствата, од оваа стопанска гранка директно и индиректно живее речиси 10% од популацијата во Македонија. Во оваа индустрија, во текот на минатата година се вработиле 40 % повеќе луѓе отколку во 2017, што го потврдува и позитивното влијание кое оваа стопанска гранка го има врз намалувањето на стапката на невработеност во земјата и стабилноста на пазарот на трудот “- образложи Илиески.
На ова се надоврзуваат и анализите на влијанието кое оваа индустрија го има врз државната екомонија. Бидејќи приредувачите на игри на среќа подлежат на високи даноци, нивната индустрија придонесува со рекордни една четвртина милијарди евра во држаниот буџет или високи 4% удел во бруто-домашниот производ. Во 2018 година, во државниот и локалните буџети се слеале вкупно 253 милиони евра, средства кои се користат директно за потребите на граѓаните во државата.
Целта на предложените измени, како што наведува групата предлагачи, е превенција на можностите за стекнување порочни навики кај младата популација. Но, обложувалниците и другите простории каде што се приредуваат игрите на среќа не се достапни за малолетните лица. Согласно постоечкиот закон, прашањето за забрана за учество на малолетни лица во игри на среќа и за забрана за влез во објектите во кои се приредуваат игри на среќа е целосно регулирано, а казните за непочитување на овие членови од законот се високи.
Доследно спроведување на законот и евентуално зголемување на казните за приредувачите на игри на среќа, но и воведување казни за операторот кој извршил уплата на малолетно лице, за родителите/старателите на малолетните лица кои би биле затекнати во просториите на приредувачите на игри на среќа во голема мера би придонеле кон подобра регулација и поголема превенција.
Такви казнени одредби се предвидени во други закони со кои се регулира однесувањето на малолетните лица. Ставот на асоцијација е јасен. Тие неколкупати истакнаа дека се подготвени да прифатат и построга регулација и казни за прекршување на член 20 од Законот за игри на среќа, кој ја регулира пристапноста на малолетни лица во објектите – приредувачи на игри на среќа, но и да помогнат во развој, имплементација и финансирање програми и кампањи за едукација и подигање на свеста за негативните последици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

