Македонија
Доделени наградите на најдобрите ученици од скопските регионалните натпревари
Градоначалникот Шилегов им ги додели благодарниците и наградите на најдобрите ученици на скопските регионални натпревари.
„Драги мои средношколци, ми претставува задоволство што денеска сум тука со вас и ја имам таа чест да ви ги доделам наградите кои сосема заслужено ги освоивте во рамките на проектот ‘Училиштето – место за натпревар во знаење’. Ви честитам на постигнатиот успех и ви пожелувам и понатаму во животот да постигнувате вакви успеси користејќи го вашето знаење“, рече Шилегов.
Тој додаде дека токму тоа е и целта на оваа потпрограмска активност, односно да се продлабочат знаењата на учениците во одредени научни дисциплини и поттикнување конструктивен натпревар за постигнување повисоки образовни цели.
„ Да го негувате натпреварувачкиот дух и желбата за стекнување нови знаења затоа што тоа се проверени рецепти за успех во животот“, им порача Шилегов на средношколците.
Градот Скопје обезбеди финансиска поддршка на средните училишта домаќини на регионалните натпревари, како и благодарници и парични награди на највисоко рангираните средношколци од средните училишта на подрачјето на Град Скопје и на нивните ментори.
Во текот на учебната 2018 и 2019 година реализирани се натпревари по следниве наставни предмети: математика, информатика, германски јазик, англиски јазик, хемија, географија, физика, француски јазик, биологија,филозофија и латински јазик.
Од вкупниот број учесници на сите натпревари на скопско регионално ниво, наградени се 62 ученици што имаат постигнато највисок резултат и 3 училишта за групни категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода – првата скопска општина со целосна виртуелна прошетка
Општина Кисела Вода е првата скопска општина која доби целосна 360° виртуелна презентација, преку новиот дигитален проект „Општина Кисела Вода НА ДЛАНКА – 360°“. Проектот претставува современ начин на претставување на општината, кој овозможува граѓаните, учениците, посетителите и туристите виртуелно да се движат низ Кисела Вода и да ги истражуваат најзначајните образовни, културни, спортски и духовни локации. Со над 500 панорами снимени од воздух и од земја, меѓусебно поврзани во интерактивна прошетка, корисниците добиваат реалистично искуство и информации за секоја локација, известува општина Кисела Вода.
„Оваа иновативна алатка има и значајна образовна улога, бидејќи може да се користи во наставата по историја, географија и други предмети. Виртуелната прошетка им овозможува на учениците полесно да ги разберат содржините што ги изучуваат. Од туристички аспект, проектот создава силен потенцијал за промоција, овозможувајќи им на посетителите однапред да ја запознаат понудата на општината.
Виртуелната тура е достапна бесплатно на www.macedoniafromabove.mk/kiselavoda, а поставена е и на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода, со што општината станува подостапна за секој што сака да ја истражи, без разлика дали се наоѓа во Македонија или во светот. „Виртуелна Кисела Вода“ е проект реализиран со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку конкурсот за поддршка на уметници, културни работници и здруженија. Истиот е дел од националниот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, најголемата дигитална платформа за промоција на природните, културните и историските богатства на државата, која постојано се надградува со нови локации.
Негов носител е Здружението „Нови Зраци“- Скопје, во партнерство со здружението МАКИТ ВИРТУАЛ, извршител на активностите и автор на поширокиот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти во Македонија нема да има, СДС како расипана плоча, растура пердуви во јавноста
СДС секојдневно се обидува да дојде до некакво медиумско внимание преку ширење на лажни вести, шпекулации и невистини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како расипана плоча или касета која врти во круг, СДС во безидејност, без програма, без идеја, без аргументирана критика, растура пердуви во јавноста.
Еве денес, по не знаеме веќе кој пат, како ВМРО-ДПМНЕ, а вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, веќе демантираше дека ќе има мигранти во Македонија, повторно им кажуваме на СДС, мигранти во Македонија нема да има“.
Македонија
„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено
Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.
„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.
До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.
Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.
Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.
Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.
„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.
Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.
Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.

