Македонија
Македонија и Албанија ја забрзуваат соработката во енергетиката
Меморандумот за соработка во енергетскиот сектор меѓу Македонија и Албанија ќе придонесе за побрза реализација на енергетските проекти од заемен интерес, констатираа во понеделникот во Тирана македонскиот министер за економија Беким Незири со албанскиот министер за енергетика и индустрија Дамјан Џикнури.
Меѓу темите за разговор меѓу двајцата министри акцентот беше ставен на проектот – 400 kV интерконективен далекувод Битола – Елбасан, проектот Луково Поле и Меморандумот за соработка во енергетскиот сектор меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика и индустрија на Република Албанија, кој наскоро треба да биде потпишан од двете страни.
Министерот Незири објасни дека за интерконективниот далекувод меѓу Македонија и Албанија кој се предвидува да ги поврзува Битола и Елбасан се изработени Физибилити студија и Студија за влијанието врз животната средина, а во натамошниот период следува изработка на целокупната техничка документација како и обезбедување на заем за изградба на далекуводот, за што во завршна фаза се преговорите со ЕБОР за обезбедување на заемот. Инаку, вкупната инвестиција се проценува дека изнесува 68.100.000 Евра и тоа 43.500.000 Евра за македонската страна и 24.600.000 евра за албанската страна.
„Ние како држава сме заинтересирани што побрзо да се реализира овој проект, бидејќи со него Република Македонија ќе реализира 85 отсто од плановите за енергетско поврзување со соседните држави“, истакна Незири.
Министерот Џикнури го потврди интересот и од албанска страна за што поскоро приклучување на Албанија кон регионалниот енергетски систем.
„Република Албанија има големи водени ресурси и заедно со Република Македонија можеме да имаме одлична соработка на ова поле. Експерти од двете држави имаат редовни состаноци, а изградбата на овој далекувод овозможува ние, како мали држави, да бидеме активни на енергетскиот пазар, па на оваа тема разговарано е и со норвешките власти за можноста за имплементација на ’скандинавскиот модел’ во Западен Балкан“, рече албанскиот министер Џикнури.
Во делот на гасификацијата, министерот Џикнури потенцираше дека со оглед на фактот што овој процес е во напредна фаза во Република Македонија, Република Албанија е заинтересирани да го имплементира ’македонскиот модел’. „Во заеднички интерес е реализацијата на проектот ТАП, кој набрзо ќе почне со реализација во албанскиот дел, каде постои можност да се отвори крак кон Република Македонија, во што гледам одлична шанса за цел регион“, објасни Џикнури.
Министерот Незири изрази подготвеност од страна на Република Македонија за поврзување кон гасоводите кои нудат таква можност, нагласувајќи: „Енергетските интерконекции, вклучително и интерконекциите во делот на природниот гас меѓу овие две соседни земји, ќе придонесат за сигурноста на снабдувањето на потрошувачите со природен гас“.
Што се однесува до акумулацијата Луково Поле, министерот Џикнури доби уверување од својот македонски колега Незири дека реализацијата на овој проект може да започне дури по целосна поддршка од двете држави. Двајцата министри се договорија сите овие прашања да бидат детално анализирани и во рамки на работната група од двете држави, на заедничка средба кон крајот на овој месец во Скопје, а најавија и скорешно потпишување на Меморандум за соработка во енергетскиот сектор меѓу двете министерство, кој е во финална фаза.
Во текот на попладневните часови министерот Незири ќе оствари средба и со министерот за економски развој и претприемништво Арбен Ахметај, на која ќе се разговара за унапредување на соработката во делот на трговската размена и во сферата на туризмот, како и реактивирање на мешовитиот комитет меѓу двете држави./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

