Економија
Тевдовски: Агенцијата „Фич“ после 13 години го зголеми кредитниот рејтинг на земјата
Aгенцијата „Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој додаде дека кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во една земја и е еден од клучните индикатори кои ги земаат предвид потенцијалните инвеститори при носење на нивните одлуки.
„Ова исклучително достигнување ќе влијае на сите инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот. Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите“, рече Тевдовски.
Во извештајот „Фич“ наведува дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017.
„Фич“ нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност. Исто така се коментира и извештајот на Европската комисија со препорака за почнување на преговори како одраз на напредокот на реформите во клучните полиња како владеење на правото, правосудство и јавна администрација.
Советникот на министерот за финансии Рилинд Кабаши рече дека „Фич“ има слични проекции за економскиот раст со оние на Министерството за финансии за оваа и следната година, како и дека основата на растот е широка, со закрепнување на домашните инвестиции и континуиран раст на личната потрошувачка.
Проекциите за дефицитот на „Фич“ исто така се покопуваат со планот на Министерството за финансии, како и проекциите за државниот долг.
„Се нотира дека преземените мерки како пензиската реформа, подоброто таргетирање на социјалната помош и прогресивното оданочување придонесуваат врз намалување на дефицитот. Позитивно се оценети преземените мерки за подобро управување со јавните финансии, особено повисоката буџетска транспарентност и воведувањето на фискално правило за општините“, рече Кабаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ЕВН Македонија учествуваше на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој
Високи претставници на ЕВН Македонија земаа активно учество на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, кој оваа година се одржа во Скопје под мотото „Од цели кон акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.
Настанот се организираше од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН.
На отворањето се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна: „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира, дури и во услови на неизвесност и геополитички потреси.“
Тридневниот форум обедини над 500 учесници од 70 земји, вклучувајќи и претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, како и експерти и претставници од бизнис зедницата.
Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер се обрати за време на сесијата посветена на „Финансирање на енергетската ефикасност и обновливите извори“. Тој истакна дека нема зелена транзиција без силни, паметни и модерни дистрибутивни мрежи.
„Не можеме да градиме зелена енергетска иднина на мрежа од 20-ти век. Надградените и модерни мрежи се суштински за интегрирање на обновливата енергија, но тоа доаѓа со многу висока цена. Затоа, меѓународните фондови, поволните заеми и стабилната регулаторна рамка се клучни за да се остварат неопходните инвестиции.“
Менаџерот во ЕВН Македонија Електроснабдување, Беркант Шен, зборуваше за улогата на ЕВН во развојот на инфраструктурата за полнење на електричните возила во државата, со што директно се придонесува кон забрзување на електричната мобилност и заштитата на животната средина.
Во фокусот на годинешната водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија се енергетската транзиција, новите технологии и пазарот, производството на енергија, како и меѓународната соработка за енергетска сигурност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 29.10.2025 година.
Од 31.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,057 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,480%, кај дизелот за 1,760%, кај екстра лесното масло за 5,965% и кај мазутот зголемувањето е за 3,830%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0496%
Економија
СДСМ: Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата
Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата, велат од СДСМ.
„По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата. Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека на денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесувала само 44,94%. „Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека „капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година“ е контрадикторно и признание за неспособност“, смета СДСМ.
Проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8%, велат од СДСМ, дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.
„Станува збор проекција базирана на потрошувачка, поддржан со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции. Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услуги и производи, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби. Со Предлог-буџетот за 2026 година Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, обвини СДСМ.

