Регион
Бугарија сака поголемо присуство на НАТО во регионот
Бугарија сака поголемо присуство на воените сили на НАТО во југоисточна Европа и на Црното море, како и одржување на повеќе заеднички воени вежби со Алијансата, изјавил бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во вторникот на состанокот на шефовите на земјите членки на НАТО во Варшава.
„Случувањата во Украина докажаа дека не можеме да ги земеме „здраво за готово“ мирот и безбедноста во Европа“, изјавил Плевнелиев.
Плевнелиев на состанокот предложил „зголемување на бројот на НАТО силите во југоисточна Европа и на Црното море, поголем број заеднички воени вежби, како и поактивна употреба на заедничките воени објекти во Бугарија“, пренесуваат бугарските медиуми.
Претходно, полскиот претседател Бронислав Коморовски изјавил дека присуството на НАТО во централна и источна Европа треба да биде адекватно на случувањата во Украина и дека „руско-украинскиот конфликт е најважниот безбедносен предизвик во Европа од крајот на Студената војна“.
„Трагедијата на малезискиот авион треба да не натера да бараме решенија кои ќе ја засилат безбедноста на источното крило на Европската унија и НАТО“, изјавил Коморовски, отворајќи го самитот на кој покрај Полска, учествуваат лидерите на Бугарија, Романија, Летонија, Литванија, Естонија, Словачка, Чешка и Унгарија.
Лидерите на деветте поранешни комунистички земји, сегашни членки на НАТО, се состанале за да разговараат околу одбранбената стратегија во пресрет на самитот на Алијансата во септември во Велс.
„Со особено внимание ги следиме случувањата меѓу Русија и Украина, нешто што го сфаќаме како однос помеѓу Западот и Истокот“, изјавил Коморовски, додавајќи дека „елементот на стабилизирањето на источното соседство на НАТО и ЕУ треба да биде со доследна поддршка за Украина во нејзината интеграција и реформите во земјата“, пренесува AFP.
Полскиот претседател истакнал дека за 44 дена почнува „најважниот самит на НАТО“, откако овие земји станале членки на Алијансата, и дека НАТО треба да се врати кон „обезбедувањето на капацитетите за колективната одбрана“.
Романскиот претседател Трајан Басеску, пред заминувањето за состанокот во Варшава, порачал дека Романија има осум важни теми во пресрет на септемврискиот самит на Алијансата, од кои една предвидува и редефинирање на односите меѓу НАТО и Русија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

