Култура
Почина филмски режисер Кирил Ценевски
Друштвото на филмските работници на Македонија испраќа последен поздрав за еден од најголемите филмски автори од Македонија – Кирил Ценевски, кој почина денеска на 76 годишна возраст.Погребот ќе се одржи утре (18.06.2019), на Градските гробишта Бутел од 11 часот.
Друштвото на филмските работници во наредниот период ќе организира настан за одбележување на ликот и делото на Кирил Ценевски.
Ценевски по многу параметри претставува уникатна појава во македонската кинематографија. Уште со првиот филм, ЦРНО СЕМЕ, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.
Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и др.
Награди: 1971 ФЈИФ Пула, Златна арена за режија / „Црно семе“ 1971 ФЈИФ Пула, Златен венец за најдобар режисер дебитант / „Црно семе“ 1971 МФФ Москва, Награда „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант / „Црно семе“ 1972 МФФ Авелино, Награда Laceno D’Oro за режија / „Црно семе“ 1972 Југословенски кандидат за ОСКАР 72 / „Црно семе“ 1972 Награда 11 ОКТОМВРИ за „Црно семе“ 1976 МФФ Карлови Вари, Специјална награда за филмот / „Јад“ 1980 ФЈИФ Пула, Награда „Првомајска“ за филм со современа тематика / „Оловна бригада“ 1980 Награда на филмот од рударите во Раша / „Оловна бригада“ 1980 Сребрен медал на CIDALC / „Оловна бригада“…
Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

