Свет
Според австралискиот суд, донорот на сперма е законски татко на детето

Австралискиот суд одлучи дека донорот на сперма е законски татко на едно единаесетгодишно девојче, објави Би-би-си.
Одлуката на судот е донесена по разгледувањето на барањето на донорот да биде вклучен во животот на девојчето и да има право да донесува одлуки во врска со неговото воспитување. Австралиецот почнал судска постапка за да ги спречи биолошката мајка и нејзината сопруга да се преселат со детето на Нов Зеланд.
Правните експерти сметаат дека овој случај ќе има значителни импликации во Австралија бидејќи ја проширува правната рамка за барање родителски права.
Неименуваниот 49-годишен маж бил долгогодишен пријател на биолошката мајка на детето, која тогаш не била во брак, а во 2006 година се согласи да донира сперма за да имаат дете.
Тие се договориле дека детето ќе го одгледуваат заедно, но по некое време се скарале. Работата отишла дотаму што адвокатите на биолошката мајка тврделе дека тој не е вистинскиот татко на девојчето.
Сепак, тој е наведен како татко во родниот лист на девојчето.
Судот во средата донесе одлука дека човекот има правен статус на родител, со што законски е оневозможено преселувањето на детето на Нов Зеланд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху го обвини австралискиот премиер: Го предадовте Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини својот австралиски колега Ентони Албанезе за „предавство на Израел“ и „напуштање“ на еврејската заедница во Австралија, ескалирајќи ги веќе напнатите односи меѓу двете земји, објавува BBC News.
Нетанјаху рече дека историјата ќе го памети Албанезе „затоа што е слаб политичар“.
Овие остри зборови дојдоа откако Австралија вчера му забрани влез на крајно десничарскиот член на владејачката коалиција на Нетанјаху, Симча Ротман, со одземање на неговата виза пред планираната посета. Израел возврати со одземање на визите за австралиските претставници во Палестинската самоуправа, повикувајќи се на објавата на Канбера минатата недела дека ќе ја признае палестинската држава во септември.
Нема официјален одговор од премиерот Албанезе.
Австралија објави на почетокот на август дека ќе признае палестинска држава. Премиерот Албанезе во тоа време рече дека Нетанјаху „живее во негирање“ за последиците од војната врз невините луѓе.
„Прекинот на помошта што го видовме, а потоа и загубата на животи што ја гледаме околу овие точки за дистрибуција на помош, каде што луѓето што чекаат во ред за храна и вода ги губат своите животи, е едноставно целосно неприфатливо“, рече тој.
Објавата следеше по слични потези од Обединетото Кралство, Франција и Канада, на што Нетанјаху остро одговори, обвинувајќи ги лидерите на тие земји дека се на страната на „масовни убијци, силувачи, убијци на бебиња и киднапери“.
Државата Палестина моментално е признаена од 147 од 193 земји-членки на Обединетите нации.
Свет
Турција ќе биде домаќин на НАТО самитот во 2026 година

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес објави дека самитот на Алијансата во 2026 година ќе се одржи на 7 и 8 јули во претседателскиот комплекс Бештепе во Анкара, Турција.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Турција за домаќинството на овој важен состанок. Турција е силен сојузник на НАТО повеќе од 70 години и дава непроценлив придонес за нашата заедничка безбедност“, рече Руте.
Според него, на следниот самит, лидерите ќе продолжат да го зајакнуваат НАТО, правејќи го посилен, пофер и поефикасен сојуз, подготвен да одговори на клучните безбедносни предизвици.
Турција ќе биде домаќин на самитот на НАТО по втор пат, по Истанбул во 2004 година.
Самитите на НАТО ги собираат лидерите на сојузниците за да донесат одлуки за важни прашања со кои се соочува Алијансата.
Свет
Белата куќа: Американските сили нема да бидат распоредени во Украина

Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, одржа редовен брифинг за новинарите на кој ја разгледа средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска и вчерашниот историски состанок со Зеленски, лидерите на ЕУ и шефот на НАТО.
Во воведот, таа го пофали Трамп и неговите напори за завршување на војната во Украина, а потоа ги нападна одредени медиуми кои го критикуваа него и неговата администрација за средбата со рускиот претседател.
Таа истакна дека Трамп јасно испраќа до знаење дека американските сили нема да бидат распоредени во Украина.
„Претседателот јасно стави до знаење дека нема да има американски сили на терен во Украина, но ние секако можеме да помогнеме во координацијата и можеби да обезбедиме други форми на безбедносни гаранции за нашите европски сојузници“, рече Ливит.
Таа додаде дека Трамп верува дека безбедносните гаранции се од суштинско значење за траен мир и го задолжил својот тим за национална безбедност да се координира со европските партнери, како и да продолжи со дискусиите со Украина и Русија за овие прашања.
Кога новинарите прашаа што се случило со трилатералниот состанок, портпаролката на Белата куќа рече дека претседателот Доналд Трамп веќе разговарал и со Володимир Зеленски и со Владимир Путин за идејата.
„Претседателот разговарал со двајцата лидери за тоа и двајцата изразиле подготвеност да седнат еден со друг“, рече портпаролката.