Македонија
Николоски: Со датум за преговори не може да се местат тендери, на Владата како да ѝ одговара статус кво

Во Луксембург се потврди она што сите го знаеме, а тоа е дека Македонија со Заев, Димитров, Османи и со Шекеринска, за жал, и овој јуни не доби датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција.
Тој истакна дека ваквиот исход, пред сè, се должи на лошото работење на владините функционери во некои од клучните области.
„Како сакате да ве видат во исто друштво со уништено здравство во кое однапред се знае кој и како ќе ги добива тендерите, кога дрога на улиците има како никогаш порано, а економијата се сведува на онаа народната – јас, брат ми и по некој друг братучед?“, запраша Николоски.
Потпретседателот порача дека неговата партија сака Македонија да оди напред и токму затоа наместо да ја користат ситуацијата за дневнополитички поени, јавно понудиле да се формираат работни групи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Владата, кои ќе работат на реформите што Европската Унија ги бара.
„За жал, до овој момент на понудата што пред две недели ја изнесе претседателот на партијата, сè уште немаме одговор. Претпоставувам нема затоа што ги јаде ароганцијата и самобендисаноста, затоа што не знаат и не сакаат, а од други помош не примаат“, рече Николоски.
Во овој контекст тој јавно запраша дали можеби на СДСМ и Заев им одговора да нема датум за почеток на преговорите.
„Дали не сакаат да бидат контролирани од Европската Унија? Затоа што кога ќе почнат преговорите, тендерите ќе не може толку лесно да се местат и бизнисот да цвета“, порача Николоски додавајќи дека не смее да се губи повеќе време и веднаш мора да се направи план за реформи и работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Министерот за здравство се вакцинираше против грип: Апелирам граѓаните навреме да се заштитат

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска го посети одделението за епидемиологија во Гостивар, каде и тој прими вакцина против сезонски грип.
-Денес сум во мојот роден Гостивар, каде се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација, како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, посебно ги повикувам лицата, кои спаѓаат во ризични групи население да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или кај својот матичен лекар, истакна при посетата министерот Азир Алиу.
На ниво на држава, досега се пријавени околу 49.000 граѓани за вакцинација против сезонски грип. Првиот ден се вакцинирани над две илјади лица.
-Ова е навистина голем интерес, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип, и уште еднаш ја потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Министерството годинава годинава набави најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија, истакна Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Македонија
МВР: Во целост ја гарантираме безбедноста на граѓаните во насока на спроведување на фер и демократски „Локални избори 2025“

Министерството за внатрешни работи во пресрет на „Локални избори 2025“ континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
„Согласно направените проценки и воспоставените планови на денот на изборите полициските службеници ќе бидат присутни во близина на локациите на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, велат од Министерството за внатрешни работи.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од било какви активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Во текот на изборниот ден, МВР соодветно ќе ја информира јавноста за одвивањето на изборниот процес.
Македонија
Филипче: Прочитан е Мицкоски, обидот за партизација на судството нема да помине

„На Мицкоски му одговара партизирано судство преку кое ќе може да влијае на одлуките, и тоа не е ништо ново, граѓаните веќе го виделе тоа, а некои и го почувствувале на своја кожа“, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Чучер Сандево.
Филипче нагласи дека Мицкоски очигледно нема волја за реформа на судството, а одговорноста е исклучиво само кај него.
„Од уста не ги вади обвинителите, судиите, на кои им се закануваше јавно дека ќе ги избрка, дека ќе ги замени со други, дека не ја заслужуваат платата, но ништо суштински не презема за да се реформира правосудството. Театрални изјави без ниту еден донесен закон од реформската агенда за вистинско реформирање на правосудниот систем“, рече Филипче, додавајќи дека оваа власт не мисли добро на народот и државата.
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата назад – во изолација, хаос и страв. Тие не нудат визија, нема иднина, го нудат минато. Го партизираат секој систем, ги злоупотребуваат институциите, ги забораваат граѓаните. Наместо ред и развој, ароганција, луксуз, корупција“, рече Филипче, нагласувајќи дека борбата за нашиот дом е борба за вредности и достоинство.
„Македонија не се брани со пароли и навреди, туку со резултати, со силни институции и со чесна власт. Овој патриотизам на Мицкоски со викање, навреди, поделби на народот и национализам не може да донесе ништо добро на државата и граѓаните. И токму затоа, СДСМ мора повторно да стане гласот на разумот, на народот и на иднината. Да ја врати државата таму каде што ѝ е местото — во рацете на граѓаните“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од граѓанскиот собир во Чучер Сандево.