Македонија
Фазлиу и Шилегов во Брисел на пленарна сесија на „Денот на проширување“ на ЕУ
Делегација од градоначалници на 11 општини предводена од министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и од претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов денеска во Брисел учествуваа на пленарната сесија на ‘’Денот на проширување’’ на Европската Унија.
На тема Парите на Европската Унија и нивната вредност во подобрувањето на владеењето на правото и социо-економскиот развој на локално ниво, дискутираа членовите на Комитетот на региони на ЕУ од земјите од Западен Балкан и од Европската Унија.
На почетокот на состанокот комесарот за проширување, Јоханес Хан во снимената порака, како и претседателот на Комитетот на региони на ЕУ, Карл Ламберт и директорката во Директоратот за соседство и проширување, Геновева Калавера истакнаа дека политиката на проширување е од геостратешки интерес за Европската Унија и мора да се продолжи по тој пат.
Советот на министри целосно ги прифати препораките на Европската Комисија, Северна Македонија ја реализира својата амбициозна реформска агенда, особено е значајна придобивката од решавањето на драматичниот спор со Грција и потпишувањето на Договорот со Бугарија. Северна Македонија и Албанија испорачаа реформи и очекуваме препораката за преговори наесен, во време на финското претседателство да се ефектуира.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, имаше и одвоени средби со членовите на Комитетот на региони на Европската Унија, на кои беа споделени искуства и добри пракси во областа на регионалната политика и територијалната соработка. Директорот на Комитетот на региони на ЕУ за септември ја најави својата посета на Северна Македонија и одвоена средба со министерот за локална самоуправа.
Како член на делегацијата од Северна Македонија, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов како претседател на регионалната мрежа на локални и регионални власти на земјите од Западен Балкан, НАЛАС, го презентираше последниот Извештај за напредокот во областа на локалната самоуправа во земјите од регионот. Шилегов рече дека во Извештајот е констатиран напредок и во политичката и во административната децентрализација, но и не соодветна фискална децентралија што ги ограничува локалните власти во регионот да имплементираат иновативни политики, како што е концептот за паметни градови. Локалните власти од регионот, рече Шилегов, ги загрижуваат и процедурите за користење на средства од предпристапните фондови на Унијата кои што, како што е констатирано во Извештајот, стануваат се посложени и можат да бидат пречка за вклученост на локалните власти во ИПА инструментот на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.

