Македонија
Царовска: EУ да продолжи да ја продлабочува соработката во социјалната политика со регионот
Социо-економската перспектива на Северна Македонија и регионот беа тема на денешната национална конференција „Никој не е изоставен во процесот на ЕУ-интеграциите“, што се одржа во Владата. Настанот беше организиран од германската невладина организација „Арбитер Самаритер Бунд“, Југоисточна Европа, заедно со локалниот партнер „Отворена порта – Ла Страда“ и со Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги презентира состојбите во социјалната политика и вработувањето, како и реформите во овие системи во последните неколку години.
„Идејата на европското семејство се темели на принципите на солидарност и еднаквост на сите граѓани. Со социјалната реформа првпат како универзално право за сите домаќинства со ниски приходи се воведуваат детски и образовен додаток и гарантирана минимална помош и социјална сигурност за старите лица, со што директно влијаеме на намалување на сиромаштијата, особено детската сиромаштија. Крајната цел на целата реформа не е покачувањето на износите на правата, туку активација на корисниците на пазарот на трудот и нивно трајно излегување од сиромаштија за што ги јакнеме и социјалните тимови и институциите што непосредно ќе работат со семејствата. Ја повикам Европската Унија да ја продолжи и продлабочи соработката во областа на социјалната политика со регионот“, изјави Царовска.
На настанот присуствуваа повеќе од 100 учесници, вклучително и претставници на Владата на Република Северна Македонија, германска амбасада во Република Северна Македонија, претставници на локални и регионални невладини организации, претставници на меѓународната заедница и општините, како и членови на регионална ИРИС-мрежа, која брои повеќе од 200 членки, даватели на социјални услуги.
Конференцијата е организирана во рамките на Иницијативата за социјална димензија (СДИ), која почна во 2018 година како заеднички напор на АСБ и локалните организации на граѓанското општество од Западен Балкан, а поддржана од група истакнати членови на Европскиот парламент за да се зајакне дијалогот меѓу цивилниот сектор, граѓаните и политичките елити како во Европската Унија (ЕУ) така и во Западен Балкан за потребата од посилна социјална димензија на интеграцијата во ЕУ за земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

