Економија
(Видео) Владата потпиша договор со Меѓународната финансиска корпорација за изградба на ХЕЦ „Чебрен“
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација, задолжена за Европа, Јужна Америка и Карибите и Централна Азија, Џеорџина Бејкер, денеска во Владата потпишаа договор за соработка за ажурирање техничка студија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“.
Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека проектот за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е проект за кој се зборува подолг временски период и за кој во минатото имаше десетина тендери, кои беа неуспешни.
„Денес, променети се повеќе работи. Прво, променет е енергетскиот пазар во регионот, денес тој е многу полиберален во однос на минатото и тој момент треба да го искористиме бидејќи ‘Чебрен’ ќе биде електрана што ќе има можност за давање секундарна регулација или таканаречена балансна енергија и таа има своја вредност во привлекувањето инвеститори. Втора промена е што проектот ќе се изведува по принципот на јавно-приватно партнерство, каде што АД ‘Електрани на Северна Македонија’, која денес е многу постабилна и поуспешна компанија, ќе биде јавниот партнер. Исто така, Република Северна Македонија денес се препознава како стабилна земја за инвестирање, што се гледа и по нивото на странски директни инвестиции“, потенцира Анѓушев.
Меѓународната финансиска корпорација ќе ѝ даде поддршка на Владата во процената на можностите на ХЕЦ „Чебрен“ во однос на регионалните енергетски системи. Целта на ИФЦ е да ѝ се помогне на Владата на Северна Македонија да го забрза одржливиот економски раст и да создаде нови работни места, како и да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, потенцира потпретседателката на ИФЦ, Џеорџина Бејкер.
„ИФЦ ќе изврши процена на трансакциските структури во однос на легислативата на ЕУ, а ќе извршиме и процена на можниот интерес на меѓународните инвеститори за овој проект. Владата на Република Северна Македонија има амбициозни цели за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, а Меѓународната финансиска корпорација сака да биде дел од сето тоа“, истакна Бејкер.
Студијата за ХЕЦ „Чебрен“ се очекува да биде ажурирана до последниот квартал на 2019 година по што следува распишување јавен тендер, кој би траел неколку месеци. Изборот на приватен партнер се очекува до крајот на првата половина на 2020 година по што би почнала изградбата на ХЕЦ „Чебрен“. Инсталираниот капацитет на хидроцентралата се очекува да биде од 300 до 350 мегавати, a во согласност со реалната динамика на изведување на работите за вакви проектите се очекува првото производство од „Чебрен“ да биде по 2025-2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57% во однос на одлуката од 22.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,68%, кај дизелот намалувањето е за 2,026%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,78% и кај мазутот зголемување е за 0,059%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,166%
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,107 ден/кг и сега ќе изнесува 46,661 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.