Македонија
(Видео) Димовски: Заев да побара оставка од Дудуш и да се извини за насилството
Вистинското лице на Власта на Заев можеше да се види и вчера кога медиумите пренесоа една скандалозна аудио снимка, од која произлегуваат сериозни индиции дека се работи за градоначалникот на СДСМ од Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој најпрво бесправно лишува од слобода, а потоа тепа и навредува граѓанин на Општина Шуто Оризари, обвини Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека Зоран Заев не само што толерира насилство, туку и го промовира и го заштитува, зошто, како што вели, тоа го прават неговите најверни кадри.
„Стануваме систем во кој најверните кадри на Заев тепаат граѓани по канцеларии, и се фалат дека тие се власта и никој не им може ништо. Тие благодарение на Заев се фалат дека се недопирливи. На Курто Дудуш силата му доаѓа токму од власта и блискоста со Заев. Поддршката на насилниците и криминалците од страна на Зоран Заев стимулира и произведува насилство и функционери кои се однесуваат како робовладетели и одлучуваат за животот и слободата на обичниот човек, обичниот граѓанин“ рече Димовски.
Според него, снимката покажува дека градоначалниците на Заев наместо да работат за граѓаните и за интересите на општините кои ги предводат, тие своите градоначалнички кабинети ги користат за матни зделки, но и за измачување и тепање на луѓе кои на некаков начин им се спротивставиле. Кадарот на Заев, додава Димовски, градоначалникот на Шуто Оризари се фали дека нему никој ништо не му може, дека ниту луѓе со пари и моќ не може да му се спротивстават, а секој кој ќе му застане на патот и му се спротивстави или го тепа или го мести да си има работа со полицијата.
„Ова ли се европските вредности?! Ова ли е тоа едно општество за сите, кое гледаме дека се претвора во тендери за власта, а беда за сите граѓани? Ова ли е тој живот за сите кој го претворија во пекол за сите?“ праша Димовски, која дополни дека насилството не е изолиран случај, туку станува систем на однесување на Заев и неговите блиски соработници. Тој потсети на случајот со градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски, кој се закануваше на вработени во основно училиште дека ги следи и прислушкува и никој не го санкционира за тоа.
ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Зоран Заев веднаш да се огради и да се извини за насилничкото однесување на својот пулен- градоначалникот Дудуш и да побара негова оставка. Во спротивно, како што велат, ќе се потврди дека тој лично е промоторот и заштитникот на ова насилство во кое е лишен од слобода и претепан граѓанин во кабинетот на градоначалникот на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

