Македонија
Нови министри во Владата се Димковски, Нуредини, Исмаили и Милевски

Премиерот Зоран Заев, денеска од Валандово, го соопшти предлогот со имињата за нови министри како дел од реконструкцијата на Владата на РСМ, што денеска се доставува до Собранието на земјата.
Тој рече дека на Собранието ќе го предложи за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кој доаѓа од самото министерство и е дел од тимот на досегашниот министер Љупчо Николовски.
За министер за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен Насер Нуредини, за министер за култура Хусни Исмаили, за министер за локална самоуправа Горан Милевски, и за министер за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки. А на местото на министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе застане лично Заев.
Тој рече дека предлогот денеска ќе биде доставен до Собрание и дека се надева оти во следната недела е биде ставен на дневен ред.
Тој им се заблагодари на досегашните министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за култура Асаф Адеми, за финансии Драган Тевдовски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за рамковниот договор Хазби Лика и за регулатива и инвестиции на домашни фирми Зоран Шапуриќ, за како што рече што и служеа на државата и народот извршувајќи ја функцијата.
Со предложената реконструкција, новиот состав на Владата ќе брои едно министерско место помалку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Арсовска: Претседателката на „Комунална“ е осудена за убиство и 3 години саботира нова опрема

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска остро ја обвини Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, дека ја саботира работата на претпријатието и со години опструира одлуки од витално значење за функционирањето на службите за одржување на јавната чистота.
Во своја објава на Фејсбук, Арсовска посочи дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.
„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.
Според неа, Спировска делува под директива на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, чиј што кадар е поставен во Управниот одбор преку Советот на Градот. Арсовска директно ги обвинува овие партии дека преку Спировска ја саботираат работата на претпријатието и придонесуваат за влошување на состојбата со отпадот во Скопје.
„Јулијана по наредба на ВМРО континуирано прави опструкции додека градот не се удави во смет. Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана“, додаде Арсовска.
Таа истакна дека вработените во „Комунална хигиена“ се едни од највредните работници во градот и дека заслужуваат институционална поддршка, а не, како што вели, саботажа од партиски кадри.
Македонија
Левица: Владата троши 450.000 евра за луксуз, додека гласа против минимална плата од 500 евра

Додека граѓаните се соочуваат со секојдневни ценовни шокови, Владата предводена од ДПМНЕ троши стотици илјади евра за морски плодови и хотелско сместување, обвини денеска политичката партија Левица. Од партијата велат дека ова се случува паралелно со одбивањето на нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Очигледно, за расипничката власт на ДПМНЕ има пари само за нивните луксузни апетити, но не и за работниците кои едвај врзуваат крај со крај“, соопштува Левица.
Според податоците кои ги објавија од партијата, владината Служба за општи и заеднички работи во мај склучила два тендери со вкупна вредност од 450.000 евра. Првиот договор, вреден 11,8 милиони денари, се однесува на набавка на риба, месо и сувомеснати производи, додека вториот – во износ од 16,5 милиони денари – се однесува на хотелско сместување за владините функционери.
„Се работи за јасен пример на лицемерие и двојни стандарди. Власта гласаше против предлогот за минимална плата, кој го поднесовме по барање на синдикатите, а во исто време склучува договори за луксузни вечери и хотели“, изјавуваат од Левица.
Од партијата додаваат дека власта не служи на граѓаните, туку на „крупниот капитал и блиски бизнис-центри“, додека реалната економска состојба е далеку од она што, според нив, „скапата ПР-машина“ на Владата се обидува да го прикаже.
„Македонија не е економска сила, туку земја во која работниците гладуваат, младите се иселуваат, а функционерите се гоштеваат со морски плодови за сметка на народот“, порачуваат од Левица.
Македонија
СДСМ тврди дека Јанев и Тошковски знаеле сè, а се сомневаат и во уништување на докази

Приведените полициски службеници за трагедијата во Кочани се истите за кои СДСМ со месеци наназад алармираше, објавуваше факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“, соопшти денеска партијата, предупредувајќи на сериозни пропусти во истрагата и можноста дека во меѓувреме биле уништени важни докази.
„Јавноста мора да знае колку докази исчезнаа додека Тошковски и Јанев ги штитеа своите полициски кадри. Месеци наназад негираа вина, манипулираа со родителите и создадоа услови истрагата да биде компромитирана. Тоа е недозволиво“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека уште од првиот ден предупредувале дека полициски службеници имаат директна одговорност за пожарот во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, но надлежните институции молчеле сè до јавниот и медиумскиот притисок.
„Да не беше нашата упорност, гласот на родителите и дел од медиумите, ништо од ова немаше да се случи. Затоа бараме итна институционална, политичка и кривична одговорност“, порача СДСМ.
Партијата директно го посочува Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, како лице кое „ги поставил, штител и им давал наредби“ на приведените полициски службеници.
„Јанев мора веднаш да си поднесе оставка, за да не влијае врз истрагата и расчистувањето на случајот“, наведуваат од СДСМ.
Истото, според нив, важи и за министерот Панче Тошковски кој, како што велат, „тврдеше дека нема вина кај полицијата, додека ги штитеше своите кадри“.
„Христијан Мицкоски пак ја злоупотреби трагедијата за политички напади, свесно лажеше и ги манипулираше родителите, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитени“, обвинуваат од СДСМ.
Партијата завршува со ставот дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема да има правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, граѓаните и државата“.