Македонија
Синдикатот на културните работници се закани со генерален штрајк ако не им бидат прифатени барањата

Синдикатот на културните работници на Северна Македонија се закани со генерален штрајк, кој ќе почне на 1.10.2019 година, ако не им бидат спроведени нивните барања изнесени до Министерството за култура.
Како што информираат од Синдикатот, на 20.6.2019 се одржал состанок на советот на СКРМ на кој биле разгледувани состојбите во културата, позитивните и негативните последици од спроведената нивелација на платите, како и динамиката со која се движат реформите во овој сектор.
„Мораме да нагласиме дека кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата, како што е неоснованото покачување коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит. Исто така, нервозата кај нашето членство силно ја стимулира и фактот што новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата не е усвоен и е во процес на тромава подготовка речиси две години. Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос, со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата. Поради тоа, Советот на СКРМ ги изнесува следните барања до Министерството за култура:
1. Барање за ревизија на спроведената нивелација со вклучување претставници на СКРМ, со што сите неосновани коефициенти ќе се вратат во претходната состојба;
2. Барање за итно усвојување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, во чија суштина ќе бидат внесени потребите на вработените во институциите, како и потребите на независните уметници и културни работници. Не прифаќаме ригиден и неапликативен закон, кој единствено им ја олеснува работата на Министерството за култура и Министерството за информатичко општество и администрација, а од друга страна, го оневозможува функционирањето на културните и уметничките институции. Таков закон веќе постои, а штетите од него ги чувствуваме сите;
3. Барање за потпишување колективен договор до 30.9.2019 година со почеток на спроведување од 1.1.2020 година и конечно решавање на проблемот со работните односи и платите во областа на културата, кој егзистира веќе една и пол деценија“, се вели во соопштението на СКРМ.
Уметниците и културните работници, како што велат, во изминативе две години станаа жртва на партиско-коалициски пазари и тоа придонесе за одолжување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми наместо нивно решавање. Велат дека нивна должност е да се спротивстават на ваквиот маргинализирачки третман и да го зачуваат нивниот уметнички и стручен интегритет како дејци на темелната вредност култура, без која не може да постои ниту една држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.