Култура
Истанбулското биенале годинава на три локации, ќе бидат изложени 38 дела

Шеснаесеттото по ред Истанбулско биенале годинава ќе се одржува од 14 септември до 10 ноември на три спектакуларни локации во турската метропола Истанбул. На историското бродоградилиште, во музејот „Пера“, кој се наоѓа во срцето на градот, и на неколку историски места на островот Бујукада на Мраморното Море, во непосредна близина на Истанбул, ќе бидат изложени 38 дела на 57 уметници од 26 земји, меѓу кои Аргентина, Австрија, Бразил, Канада, Хрватска, Франција, Германија, Иран, Јапонија, Холандија, Шведска, Тајван, Велика Британија и САД.
Подготвувач на концептуалната рамка, според која уметниците се покануваат на изложбата и куратор на биеналето ќе биде еминентниот историчар на уметноста Никола Бурјо. Тој е директор на институцијата „Монпелје Контемпорaн“ (MoKo), чиј основач е самиот тој, бил директор на Високата национална школа за ликовна уметност во Париз од 2011 до 2015 година и куратор во лондонската галерија „Тејт“ од 2007 до 2010.
Организатор на манифестацијата, која годинава се одржува со наслов „Седмиот континент“, е Истанбулската фондација за култура и уметност (ИКСВ), а спонзор е „Коч холдинг“.
Истанбулското биенале се одржува редовно од 1987 година наваму и важи за најсеопфатна меѓународна уметничка манифестација во регионот, која игра значајна улога во промоција на современите ликовни уметници од Турција и светот. Биеналето функционира по принцип на изложба, при што се овозможува директен дијалог помеѓу уметниците од разни култури и посетителите на биеналето.
А. А. Кочан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Филип беше ураган од љубов – во Штип се одржа комеморација за музичарот Стевановски кој загина во пожарот

Во Штип се одржа комеморацијата за директорот на штипскиот центар за култура „Ацо Шопов“, Филип Стевановски, кој тагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“, настапувајќи со групата ДНК.
На комеморацијата зборуваа неговите колеги од Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и артисти од Народниот театар.
Директорот на ДМУЦ Сергеј Михајло Штип, Илија Ќосевски, истакна дека мисијата и добриот дух на Филип ќе продолжи и понатаму.
„Јас денеска нема да кажам збогум, туку блаогдарам за се’, за секој совет, за секој тон и споделен момент. Ќе ја продолжиме неговата мисија и неговиот добар дух за да ја пренесуваме музиката на идните генерации. Сето она што ти го беше замислил, нема да престане“, рече Ќосевски, пренесе штипската телевизија „М Нет“.
Тој го опиша Филип како музичар кој со својот талент посветеност и исклучитена љубов кон музиката, неуморно ги пренесувал своите знаења, мотивирарќи ги младите музичари да ја откријат убавината на звукот, дисциплината на изведбата и длабочината на изразот.
Благодарност, почит и сосема последно збогум оддадоа и вработените од штипскиот театар, истакнувајки дека тој секогаш ќе остане во нивните срца.
„Ти беше ураган од љубов кој несебично се излеа во секој од нас. Не само кај нас Филип, туку и кај публиката која го почувствува твојот дух и повторно ги наполни салоните. Се врати надежта, вербата. Си простивме како мали деца кога ќе разберат дека единствениот начин да продолжиш е да бидеш заедно во тим, а тимот беше се за тебе“, беше кажано на комеморацијата, во порака што ја проследи штипската „Тв Стар“.
„Патувај драг Филипе, патувај, летај и знај ти навистина го направи светот поубаво место за живеење. Ти благодариме за секој поминат момент со тебе, за се што не научи, бидејки ни го покажа патот по кој треба да се движиме“, се поздравија вработените.
Стевановски свиреше клавијатури со ДНК кога изби пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март.
Потекнува од Куманово, а на 24 јануари годинава беше избран за нов директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, каде што живееше и работеше. Средното образование го заврши во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Беше оженет човек и татко.
Филип беше комплетен музичар – продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип. Нека почива во мир.
Култура
„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје за 31 мај

„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје.
За 12. април беше закажан концертот на „Бијело дугме“ со кој низ светот слават 50. години од постоењето. Но, поради трагедијата во Кочани организаторите и менаџментот на бендот сметаат дека е прерано за концерти па повторната дружба ја презакажаа за 31.мај.
Во овие чувствителни моменти, сметаме дека е прерано за концерт, информираат од Прагма продукција.
„Токму затоа, заедно со Бијело дугме одлучивме концертот кој требаше да се одржи на 12 април во Скопје, во „Борис Трајковски“, да го презакажеме за 31 мај 2025 година. Сите купени билети остануваат важечки за новиот датум. Ве информираме дека интересот за концертот е огромен и истиот е пред распродавање! Ви благодариме на разбирањето“, велат од продукцијата.
Култура
Објавен конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата

Објавен е новиот Конкурс за финансирање проекти за развој на креативните индустрии. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соопшти дека со конкурсот ќе се обезбеди финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови.
Според него, тоа ќе поттикне нови вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам.
Љутков потсети дека во периодот од 2013 до 2017 година, Министерството за култура објави пет годишни конкурси за финансирање проекти од областа на креативните индустрии, при што финансиски беа поддржани околу 270 проекти.
„За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и брзорастечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат врз економскиот раст, социјалната инклузивност и развојот на културната разноликост“, рече Љутков.
Тој ги повика креативците и организациите да се пријават и да ја искористат можноста за реализација на своите идеи и проекти.
„Нашето општество има огромен потенцијал и заедно можеме да придонесеме за подобрување на културниот, економскиот и туристичкиот напредок што ни е потребен. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да работи на поддршка на проекти што ја афирмираат културата и создаваат нови вредности во општеството“, рече Љутков.
Конкурсот за финансирање проекти за развој на креативните индустрии е објавен на веб-страницата на Министерството.