Македонија
Заев-Сореиде: Поддршка за интеграциите и за политичкото лидерство
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, се сретна со Ине Ериксен Сореиде, министерка за надворешни работи на Кралството Норвешка, придружувана од Арне Санес Бјорнстад, амбасадор на Кралството Норвешка за Република Северна Македонија.
На средбата е изразена силна поддршка за покажаното политичко лидерство во нашата држава што е посочено како добар пример и за целиот регион и како значаен придонес во стабилизацијата и безбедноста на регионот.
Констатирано е дека со храбрите политики и политиките на дијалог и пријателство со соседите од страна на премиерот Заев и на државата отворени се претходно блокираните перспективи на Република Северна Македонија во интеграциите.
Кралството Норвешка, како што е пренесено, ги поддржува интеграциите на Република Северна Македонија во НАТО поради што во норвешкиот парламент веќе е ратификуван протоколот за членство на нашата држава во НАТО.
Изразено е и охрабрување земјава да продолжи со потребниот реформски процес, што за Република Северна Македонија значи бенефит во квалитетот за живот на граѓаните и е важен за европските интеграции.
„Благодарни сме за големата поддршка на нашиот искрен пријател, Кралството Норвешка, за принципиелната улога во процесот на надминување на политичката криза во државата и за поддршката во интеграциските процеси и во реализацијата на членството во НАТО. Денес, Република Северна Македонија е земја со НАТО и ЕУ-перспективи, реформите ги носиме во дијалог со сите засегнати страни и со опозицијата, имаме рекорден број странски инвестиции, пораст на платите, намалување на невработеноста. Покажавме со договорите со соседите, особено со преспанскиот договор, како се можни, преку искрен дијалог, решенија на чувствителните билатерални прашања и продолжуваме да имаме конструктивна и стабилизирачка улога во регионот. Гледаме можности до крајот на годината да станеме 30. земја членка на НАТО, во октомври да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ и 2019 година да ја завршиме и како успешна економска година и на сето ова сериозно сме посветени во политичките чекори“, рече премиерот Заев.
На средбата беа потврдени добрите пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Норвешка, констатирано е дека Норвешка и досега многу ѝ помага на државава во значајни проекти за граѓаните, како во делот на животната средина, и во таа насока се разгледани можностите за унапредување на соработката во повеќе области, меѓу кои и животната средина и одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

