Економија
БЕГ бара истрага против Топлификација и надомест на штета од 10 милиони евра

Во октомври 2018 година БЕГ поднесе кривична пријава против Топлификација АД и нејзината фирма ќерка Дистрибуција на топлина ДООЕЛ за нанесување штета на имот на Република Северна Македонија во износ од околу 10 милиони евра. Тие ги повикуваат истражните органи, Финансиската полиција како и Основното јавнообвинителство во најбрз можен рок да ги преземат сите неопходни дејствија со цел да се надоместат штетите нанесени на Република Северна Македонија.
,,Исто така ги повикуваме и охрабруваме истражните органи да испитаат дали инвестицијата на Топлификација АД во компанијата ТЕ-ТО АД е извршена со приноси од казниво дело нанесување штета на имотот на Република Северна Македонија, преку неинвестирање во топловодната дистрибутивна мрежа”, се вели во соопштението.
Во него се наведува дека согласно Договорот за користење на дистрибутивната мрежа, склучен во 2000 година помеѓу Топлификација АД и Агенцијата за приватизација, Топлификација, а подоцна и Дистрибуција на топлина ДООЕЛ биле должни средствата пресметани од амортизација на топлинската мрежа, во периодот од 1999 до 2013 година, да ги употребат за инвестиционо одржување и проширување на топлинската мрежа, а средствата кои немало да бидат потрошени за оваа намена требало да бидат дадени на располагање на Агенцијата за приватизација, сега АД за изградба и стопанисувањесо станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДСДП).
,,Меѓутоа, Топлификација АД, а подоцна и Дистибуција на топлина ДООЕЛ, пресметаните и наплатени од потрошувачите на централно греење, средства од амортизацијата на топловодната мрежа не ги вложиле во инвестиционо одржување и проширување на мрежата, не ги ставиле на располагање средствата кои не се потрошени за оваа намена на Агенцијата за приватизација односно на АДСДП, со што и нанеле штета на Република Северна Македонија во износ од околу 10 милиони евра. Ова е видно од инвентарната книга на дистрибутивната топловодна мрежа, каде се
гледа дека во периодот од 1999 година до 2013 година, вредноста на дистрибутивната тополоводна мрежа е намалена за околу 10 милиони евра. Фактот дека парични средства не се пренесени на Агенцијата за приватизација на Р.М. и АДСДП е потврден и од АДСДП кои пријавија побарување во стечајната постапка на Топлификација АД во висина од 9,8 милиони евра, бидејќи како што е наведено во пријавата, Топлификација АД им го должела наведениот износ поради неисполнување на обврски од Договрот за користење на дистрибутивната топловодна мрежа”, се вели во сооопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Новиот Закон за енергетика објавен во „Службен весник“ – започнува официјалната примена

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално започнува неговата примена.
„Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина“, велат од Министерството.
Од таму велат дека со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница, што, според Министерството, е силна потврда за посветеноста на нашата држава кон европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ.
„Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост“, велат од Министерството.
Економија
Групата за соработка со пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина

Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на Народна Република Кина се сретна со Чен Џоу, заменик-министер на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.
Претседателката на групата, Олга Лозановска, во воведното обраќање истакна дека иако сме географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемното почитување. Нашата земја го афирмира ставот за постоење на една Кина, владата на НР Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, а Тајван е неделив дел од кинеската територија, рече Лозановска.
Традиционалното формирање на оваа група за соработка е само показател на интересот за воспоставување, негување и продлабочување потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави.
Од своја страна, Чен Џоу ја сподели импресионираноста од првата посета на земјата. Кина го почитува развојниот пат на нашата земја и ги разбира и поддржува нашите напори за интегрирање во ЕУ. Заложбите на земјите за една Кина се темелни во градењето на сите односи со Кина, потенцира Чен.
Соработката со законодавниот дом и со партиите играат важна улога во градењето на билатералните односи и во таа насока радува фактот што во групата за соработка членуваат пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина. Во овој контекст се напорите за идно проширување на пријателските размени на Комунистичката партија на Кина со политичките партии во земјата почитувајќи ги меѓусебните разлики. Преку тие партиски канали и размена на искуства на сите нивоа ќе се придонесе кон зајакнување на севкупните билатерални односи.
Членовите на пратеничката група, Садик Сулејмани и Димитар Апасиев, исто така имаа можност да изразат чест од одржувањето на средбата. Сулејмани ги нагласи бизнис-односите и можноста за нивно олеснување, а Апасиев имаше пофални зборови за моделот на социјализмот со кинески карактеристики.
Присутните беа согласни за продлабочување на меѓусебната соработка на повеќе полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, инфраструктура…, но и засилени односи во образованието, размената на млади, туризмот. Двете земји покажуваат интерес за културата, а тоа се покажува и преку постоењето и популарноста на катедрите за македонски јазик на неколку кинески универзитети.
Од двете страни беше изразена благодарност и до Амбасадата на Кина за континуираните заложби за унапредување на односите меѓу двете држави и традиционалното пријателство.
Економија
Доживејте ја Будимпешта во полна брзина со картичките Visa на Халкбанк

Халкбанк АД Скопје, во соработка со Visa, ја започнува наградната игра „Доживејте ја Будимпешта во полна брзина со картичките Visa на Халкбанк“ – ексклузивна можност за еден добитник да отпатува во Будимпешта и да биде дел од уникатно искуство со Visa Cash App Formula 1 Racing Bulls тимот.
Наградната игра ќе се реализира во периодот од 20 мај до 20 јуни 2025 година, а право на учество имаат сите физички лица кои во тој период ќе направат минимум пет трансакции со Visa дебитна или кредитна картичка издадена од Халкбанк, во вкупен износ од најмалку 10.000 денари. За учеството да биде валидно, потребно е и да се пополни електронската пријава за согласност, достапна на официјалната веб-страница на Банката.
Во извлекувањето што ќе се одржи на 25 јуни 2025 година ќе влезат сите пријавени учесници кои ги исполнуваат горенаведените услови и имаат активна Visa картичка на денот на извлекувањето. Само трансакциите направени во рамки на наградниот период и само пријавените корисници ќе бидат земени предвид при изборот на добитникот.
Со оваа иницијатива, Халкбанк и Visa нудат повеќе од награда – нудат вистинско доживување. Без дополнителен напор, без сложени процедури – само со секојдневно користење на Visa картичката, добивате шанса за незаборавно патување исполнето со адреналин, енергија и нови спомени, во еден од највозбудливите европски градови. Деталите се на официјалната веб страница на банката, а ако ги исполнувате условите, вие сте веќе на половина пат до Будимпешта.
(ПР)