Култура
Два македонски филма во трка за наградата „Лукс“ на фестивалот во Карлови Вари

Филмовите „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска и документарниот филм „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска влегоа во трката за значајната награда „Лукс“ на 54. издание на филмскиот фестивал во Карлови Вари. Во селекцијата од десет филмови на оваа програма што ја прави Европскиот парламент, Северна Македонија е единствена земја селектирана со два филма.
Европскиот парламент, кој во континуитет ја поддржува европската кинематографија, десетте селектирани филмови за наградата „Лукс“ ги објави вчера, а истата ја соопштија Хелга Трупел, потпретседател на Комитетот за култура и образование на ЕП, Мартина Длабајова, потпретседател на Комитетот за буџетска контрола, и Дорис Пак, координатор на наградата „Лукс“.
За потесниот избор на десетте филма дебатирале 21 европски филмски професионалци кои внимателно за оваа година во финалната селекција вклучија четири филма на женски режисерки, два документарни филма и значајно присуство на мали земји како Северна Македонија, од која зедоа дури два филма. Половина од селектираните филмови се европски копродукции.
Според пропозициите, од десетте филмови три ќе бидат избрани како конкуренти за наградата „Лукс“ и таа ќе биде врачена на 27 ноември во Стразбур.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ премиерно беше прикажан во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Берлин, а „Медена земја“ освои повеќе награди на „Санденс“. Филмовите се поддржани од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Мадам Батерфлај“ – емотивна оперска вечер во рамките на 53. Мајски оперски вечери

Во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ на 23 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе едно од ремек-делата на светската оперска уметност – „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини.
Диригент на претставата е гостинот од Италија, Марко Боеми, режијата ја потпишува Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата е дело на Живојин Трајановиќ, а костимографијата ја изработи Лира Грабул. Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога (Чо Чо Сан – Мадам Батерфлај) ќе настапи гостинката од Србија, Mарија Јелиќ, во улогата на Пинкертон ќе настапи, Ѓорѓи Цуцковски, во улогата на Шарплес, Луис Кансино од Шпанија, во останатите улоги ќе настапат: Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Олег Цуцковски, Никола Стојчески, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан, Марко Димовски заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Операта „Мадам Батерфлај“ е музичка драма за љубовта, предавството и надежта, раскажана преку извонредната музика на Џакомо Пучини. Во ова дело, Пучини маестрално ги спојува елементите на западната и источната култура, создавајќи драматични музички моменти што допираат до секој слушател. „Ако не сум трогнат, ако либретото не ми го допре срцето…тогаш тоа не е за мене.“, Пучини точно знаел што бара во едно оперско либрето, а фактот што приказната за деликатната јапонска „пеперутка“ длабоко го трогнала се огледува во секоја нота од партитурата на неговата славна опера.
Култура
Изненадување во Кан: Дензел Вашингтон ја доби почесната „Златна палма“

Американскиот актер Дензел Вашингтон доби ненајавена почесна Златна палма на Канскиот филмски фестивал во понеделник вечерта, како признание за неговата извонредна кариера, соопштија организаторите.
Вашингтон, 70, е во јужниот француски град за премиерата на најновиот филм на американскиот режисер Спајк Ли, чија премиера исто така беше во понеделникот.
Роберт де Ниро ја доби претходно најавената почесна награда „Златна палма“ за животно дело на церемонијата на отворањето на фестивалот минатата недела, каде што во својот говор за прифаќање на наградата повика на протести против американскиот претседател Доналд Трамп.
Култура
Македонскиот краток експериментален филм „Лима“на 78. издание на Канскиот фестивал

Македонскиот експериментален филм „Лима“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал.
Филмот ќе има и затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.
„Лима“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.