Европа
Измир забрани пајтони по градските улици
Градот Измир им се придружи на турските градови кои ја забранија употребата на коњски кочии во туристички цели. Со најновата одлука на општината во градот на Егејското Море се забрани сообраќајот на пајтони и другите запрежни возила на булеварите и улиците од централното градско подрачје. Со ова во три општини на градот настапи забрана за активноста на 32 туристички кочии.
Претседателот на општината Измир, Тунч Сојер изјави дека целта е неговиот град да биде пример во однос на заштитата на правата на животните во целата земја. Слична одлука под притисок на Здруженијата за заштита на правата на животните порано беше усвоена и во туристичките места Анталија, Аланја и Кушадаси додека во турската метропола Истанбул веќе неколку години се чека донесување на забрана на сообраќање на пајтоните на истанбулските острови.
Во четирите најголеми острови на Мраморното Море оддалечени само неколку километри од Истанбул – К’налиада, Бујукада, Хејбелиада и Бургазада функционираат вкупно 277 пајтони. Овие кочии се и единственото превозно средство на островите и привлекуваат голем број туристи.
Центарот за координација на сообраќајот на Истанбул во изминатите години подготви извештај во врска со транспортот со пајтони на островите. Во извештајот се истакнува дека тие се употребуваат не само како туристички возила, туку и како возила за јавен транспорт и се подвлекува дека запрежните коњи се хранат недоволно и не се чуваат во соодветни услови.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоан уште во 2018 година изјави дека со измените на Законот за заштита на правата на животните „коњите ќе бидат ослободени“, по градот Истанбул донесе одлука јавниот транспорт на островите да се одвива со електрични возила. Во соопштението издадено веднаш потоа, од Општината се изнесува дека одлуката ќе биде применета прво на еден од островите (К’налиада) со што пајтоните ќе почнат да се заменуваат со електрични возила, кои ќе можат да пренесуваат до 12 патници.
Одлуката наиде на остри реакции од пајтонџиите. Претседателот на Комората на пајтонџии, Хидир Унал истакна дека не верува дека претседателот одеднаш ќе укине нешто што претставува приход за живот на 3 000 лица и што е останато како наследство од предците, подвлекувајќи дека пајтоните веќе 150 години сообраќаат на островите.
„Секојдневно островите ги посетуваат 5 илјади туристи. Укинување на пајтоните би значело и крај на островите“, смета тој.
Според Здруженијата за заштита на животните, коњите кои се употребуваат на истанбулските острови се чуваат во несоодветни услови, поради што животниот век им се скратува на две години. Тие воедно гинат во несреќи или умираат од премор.
Како резултат на протестите и кампањите за спасување на коњите од островите, Истанбул минатата година започна проект за замена на пајтоните со електрични возила и минатата година електричните пајтони ѝ беа претставени на јавноста, но старите пајтони и понатаму продолжуваат да функционираат на островите.
А. А. Кочан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

