Вести
Нови израелски жртви во судирот во Газа

Армијата за одбрана на Израел објави во понеделникот навечер дека во последните 24 часа во борбите во палестинската енклава Појасот Газа и на границата со израелската територија загубила пет војници, додека израелските медиуми јавуваат за нови жртви во минофрлачки оган од енклавата кон пограничните области.
Според официјалното соопштение на израелската армија, четворица нејзини припадници настрадале од минофрлачки оган на границата, а уште еден бил убиен во престрелка во јужниот дел од Појасот Газа, со што бројот на убиените израелски војници во офанзивата „Линија на одбраната“ којашто започна на 8-ми јули се искачи на 48, а вкупно бројот на жртвите на израелска страна изнесуваат службено 51, вклучително и три цивила загинати во палестинските ракетирања на израелската територија. Меѓутоа, израелските медиуми ноќта кон вторникот објавија дека најмалку едно лице загинало во пограничното место Нахал-Оз, при обид на палестински борци низ тунел од Појасот Газа да се уфрлат на израелска територија, кои биле, пак, принудени да се повлечат откако наишле на отпор од израелските војници.Од друга страна, израелскиот информативен портал Ynetnews јавува дека најмалку четворица Израелци загинале и уште шест се тешко ранети во минофрлачки оган врз местото Ишкол, погранична населба со Појасот Газа. Палестинската страна, пак, преземајќи ја одговорноста за овој напад, соопшти дека биле убиени шест Израелци и други седум биле тешко ранети.Одговорноста за минофрлачкиот оган врз регионалниот совет во Ишкол, ја презема военото крило на палестинското исламистичко движење Хамас кое управува со Газа, Бригадите на Изедин ал-Касам. Во соопштението испратено до агенциите, групата истакнува дека нападот е одмазда за бомбардирањето на израелската авијација на кампот на палестинските бегалци ал-Шати на периферијата од градот Газа кон морскиот брег, во кој според различни извори загинале 10 до 12 луѓе, од кои 8 до 11 деца, а меѓу 40 и 50 други биле ранети. Израелската армија претходно ја отфрли одговорноста за овој напад, како и за гранатирањето на болницата во Газа во кое немаше жртви, тврдејќи дека станува збор за проектили истрелани од палестинските милитанти кои не успеале да долетаат до своите цели на израелска територија.Покрај тоа, претставници на Хамас изјавија дека на борците од споменатата радикална група им успеало во неделата преку подземен тунел од бегалскиот камп ал-Шуџаија да дојдат на израелска територија, при што „уништија повеќе од 10 израелски војници и успешно се повлекоа“ на територијата на Појасот Газа, пренесува AFP. Од своја страна, извори од израелските безбедносни сили изјавија дека инцидентот се одиграл во областа Шаар ха-Нагев, при што биле ликвидирани петмина напаѓачи, но не се соопштува ништо за загуби во редовите на израелската армија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.