Македонија
ДОМ поднесе 60 амандмани на Законот за урбанистичко планирање

Пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, поднесоа 60 амандмани на Законот за урбанистичко планирање. Со нив предлагаат внесување на суштински одредби од законите за урбано зеленило, природа и животна средина, како заштитна брана пред цунамито на урбаната експанзија.
„Не може во Закон за урбанистичко планирање да не се дефинирани категориите ‘урбано зеленило’ и ‘зелен катастар’, да ги нема стандардите и нормативите за задолжително зеленило, ниту документацијата за урбано зеленило што треба да ја содржат урбанистичките планови. Не може Владата да носи урбанистички планови за ‘објекти и градби од државен интерес’, меѓу кои рудници, брани и хидроцентрали, кои е дозволено да се градат секаде, па и во заштитени подрачја, во национални паркови, спротивно на законите за заштита на природата и животната средина. Не може јавниот интерес да не биде основно начело на Законот и приватниот интерес да биде над него“, велат од ДОМ.
Од партијата велат дека не може процедурите за носење урбанистички планови да одат со скратени рокови, без доволно време и транспарентно информирање на јавноста за нив и не може движењето со велосипеди да не биде предвидено како интегрален дел од сообраќајот.
Во амандманите што се предложени од ДОМ има и предлози од неколку граѓански организации, како „Охрид СОС“, „Здравје пред профит“, „О2 Иницијатива“, Асоцијација на архитекти на Македонија, „На точак“ и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.