Свет
Во Јапонија се отвори кафуле за нинџи

Љубителите на нинџите се воодушевени од еден новитет во Јапонија – „Токио Нинџа кафе и бар“.
Кафулето кое беше отворено во понеделникот прима гости облечени во традиционални костими за нинџи, кои ја учат античката уметност на Самураите.
Сопствениците гордо нудат „целосно нинџа искуство“, а истата тема е пренесена и во храната и пијалаците. Дел од деликатесите што се нудат се темно пиво „нинџа“ и нинџа кари.
Гостите кои присуствуваа на отворањето добија лекција по мечување и фрлање шурикен. Еден од посетителите рече: „Навистина уживав. Пијалаците беа добри. Здрави се и нека продолжат така“.
Сопствениците на локалот велат дека целта им е да организираат настани кои Јапонија и светот не ги виделе досега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска дека телефонски разговарал со неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан, нагласувајќи дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје.
Макрон рече дека добил телефонски повик од Пезешкјан и дека се согласиле да ги забрзаат преговорите меѓу европските сили и Иран за неговата спорна нуклеарна програма.
„Барам: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје и од него зависи да ги обезбеди сите гаранции дека неговите намери се мирни“, рече Макрон на „Икс“.
„Убеден сум дека има излез од војната и дека може да се избегнат поголеми опасности“, додаде тој.
Министрите за надворешни работи на три земји, Германија, Франција и Велика Британија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас вчера во Женева разговараа со нивниот ирански колега Абас Аракчи, една недела по почетокот на израелските напади врз Иран.
Трите земји го повикаа Иран да продолжи со дипломатските напори, без да се чека крајот на конфликтот, за да се реши спорното прашање за неговата нуклеарна програма, но Техеран рече дека е подготвен да ја разгледа дипломатската рута само кога ќе биде запрена агресијата на Израел.
Свет
Израел објави снимка од ново оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан

Израелската војска објави снимка на која се гледа оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан по новите напади.
Споредувајќи ја таа снимка со сателитски снимки направени минатата недела од компанијата „Максар“, „Би-би-си Верифај“ откри дека новите удари оштетиле неколку згради во северниот дел на комплексот.
Во посебна изјава, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека цел биле „производствени капацитети за центрифуги“ што се користат во процесот на збогатување ураниум.
Новата штета опфаќа површина од околу 0,3 квадратни километри, во чии рамки седум згради се чини дека се целосно срамнети со земја.
Снимката на „Максар“, направена на 14 јуни, покажува јасни оштетувања на најмалку две згради во различни делови на комплексот, како и траги од горење на периферијата. Во тој момент ниту една зграда не беше целосно уништена.
Вчера директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во Советот за безбедност на ОН изјави дека „нападите врз нуклеарните постројки во Исламската Република Иран предизвикуваат сериозно влошување на нуклеарната безбедност во Иран“.
Свет
Ердоган: Нетанјаху е најголемата пречка за мирот во регионот

Владата на Израел под водство на Бенјамин Нетанјаху е најголемата пречка за мирот на Блискиот Исток, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган го обвини Израел дека се обидува да го саботира секој обид за нуклеарни преговори меѓу САД и Иран, посочувајќи дека израелските напади покажуваат дека Тел Авив не сака дипломатија.
Тој ги повика другите земји да не наседнуваат на „отровната реторика“ на Израел за конфликтот, туку наместо тоа да бараат дипломатско решение.
Голем број земји го повикуваат Иран да влезе во преговори со цел да се најде решение за сегашниот конфликт. Иранските власти, сепак, велат дека дипломатско решение не е можно додека продолжуваат израелските напади.