Свет
Путин ќе се сретне со Берлускони во Италија
За време на еднодневната посета на Италија денеска, рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со својот стар пријател, поранешниот премиер на Италија, Силвио Берлускони, изјави претседателскиот помошник Јуриј Ушаков, пренесува ТАСС.
Утрово, Путин ќе го посети Ватикан. Подоцна ќе се сретне со италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Џузепе Конте. Рускиот претседател исто така ќе учествува на седницата на Руско-италијанскиот форум за дијалог за граѓанско општество.
„Потоа ќе заминеме на аеродром, но програмата нема да заврши – традиционално, нашиот претседател ќе се сретне со поранешниот претседател на Советот на министри на Италија, Силвио Берлускони, по што ќе замине за Русија”, рече Ушаков.
Ушаков посочи дека тоа ќе биде средба на стари пријатели.
„Тие остануваат во постојан контакт, разговараат телефонски, а Берлускони често ја посетува Русија, како дел од одржувањето неформални пријателски контакти”, објасни помошникот на рускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан пристигна во Брисел на клучниот состанок: „Договорот е мртов“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави по пристигнувањето на самитот на ЕУ во Брисел дека, според него, идејата за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина пропаднала.
Орбан им рече на новинарите дека во Европската унија ќе има доволен број земји-членки за таканареченото блокирачко малцинство кое ќе ја спречи одлуката за репарацискиот заем за Украина.
Тој исто така додаде дека Европската унија мора да „се држи подалеку од војната“ и да „работи за постигнување мир“.
Медиумите потсетуваат дека лидерите на Европската унија денес се среќаваат во Брисел на еден од најнапнатите самити во последните години за да се договорат за клучна одлука за финансирањето на Украина за 2026 и 2027 година.
Фото: депозитфотос
Свет
Фон дер Лајен: Нема да го напуштам самитот на ЕУ без решение за финансирањето на Украина
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека очекува земјите-членки на ЕУ да постигнат договор за финансирањето на Украина на дводневниот самит, кој започнува денес во Брисел.
„Нема да го напуштам советот без решение за финансирање на Украина“, изјави таа пред новинарите пред состанокот, пренесува Ројтерс.
За да можат да ги користат замрзнатите руски средства, лидерите на ЕУ прво треба да ја убедат Белгија, која поседува 185 милијарди евра од вкупно 210 милијарди евра замрзнати во Европа, дека нема да биде оставена сама ако Русија поднесе тужба пред меѓународните судови.
„Целосно ја поддржувам Белгија“, изјави претседателката на Европската комисија, според агенцијата.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека е уверена дека лидерите на Европската Унија ќе постигнат договор за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на одбраната и обновата на Украина пред денешниот самит на ЕУ.
Во интервју за германскиот радио канал „Дојчландфунк“, таа рече дека ова нема да биде прв пат да се најде решение во многу сложена ситуација.
Лидерите на Европската унија денес ќе одлучат како да ја финансираат Украина во 2026 и 2027 година, за да може таа земја да продолжи да се спротивставува на руската агресија, а користењето на руските средства замрзнати во ЕУ е најверојатната опција, пренесува „Ројтерс“, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос
Свет
Инцидент во Брисел: Авионот на словачкиот премиер Фицо е оштетен на аеродромот
Словачкиот премиер Роберт Фицо објави дека авионот што ја превезувал словачката делегација на самитот на Европската унија во Брисел е сериозно оштетен на аеродромот поради инцидент со аеродромско возило, поради што леталото повеќе не е употребливо и мора да остане во Белгија.
Фицо изјави на социјалната мрежа Фејсбук дека за време на маневрирањето на пистата, камион со аеродромска рампа го удрил авионот, предизвикувајќи значителна материјална штета и спречувајќи го неговиот понатамошен лет, пренесуваат медиумите.
„Сложениот самит во Брисел започна многу лошо. На аеродромот, камион со рампа го уништи нашиот авион, го направи неупотреблив и ние сме принудени да го оставиме тука“, напиша словачкиот премиер.
Според некои западноевропски медиуми, во инцидентот нема повредени, а надлежните аеродромски служби започнаа внатрешна истрага за да ги утврдат околностите под кои е оштетен авионот. Засега не е објавено дали станува збор за човечка грешка или за неуспех во процедурите на аеродромот.
Инцидентот се случил во моментот кога Фицо пристигнал во Брисел за еден од политички почувствителните самити на Европската Унија, каде што се дискутираат понатамошните чекори на ЕУ во врска со Украина, енергетската политика и внатрешните поделби меѓу земјите-членки, според написите.
Фото: депозитфотос

