Македонија
(Видео) Гркот Кефалојанис не дојде да сведочи за ,,Маѓар телеком”
Сведокот Михаил Кефалојанис денеска не се појави во кривичниот суд каде требаше да даде исказ за случајот ,,Маѓар телеком”. Претседателката на Судечкиот совет појасни дека македонското Министерство за правда доставило замолница за известување на Кефалојанис до грчкото Министерство за правда, но оттаму сѐ уште нема никаков одговор.
Во претходната постапка која се водеше за случајот „Маѓар телеком“, Кефалојанис беше осомничен во постапката, но тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски го ослободи од кривичен прогон.
Од наредното рочиште за предметот ќе се изведуваат материјални докази, а во меѓувреме ќе бидат повикани и сведоците кои до сега не беа сослушани, Слободан Богоевски на рочиштето кое е закажано за 24 септември и Михаил Кефалојанис на 30 септември.
Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата.
На сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Ролф Плат и Кишјакус. Обвинението против тројцата ексдиректори било поднесено во Основниот суд Скопје 1 во првата половина на 2011 година, а првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.
Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар.
Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги. Елег Штрауб и Андраш Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија парични казни, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди да плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

