Македонија
Мајден и Маркова Нога ќе бидат двата нови гранични премина кон Грција
Владата на денешната седница ги разгледа предлог-законите за ратификација на Спогодбата со Грција за отворање нови гранични премини меѓу двете земји.
Едниот од нив ќе ги поврзува селото Мајден во мариовската област, со Промахoи во Грција.
Во иста насока е и усвоениот предлог-закон за ратификација на Спогодбата за отворање на еден граничен премин во регионот на Преспанското Езеро и патиштата коишто ги поврзуваат Маркова Нога и Лемос.
Како што велат од Владата, овој граничен премин ќе овозможи поголемо поврзување и полесна комуникација на населението од пограничниот регион.
Од владината прес-служба потсетуваат дека Спогодбата е склучена на 2 април годинава во Скопје, врз основа на Преспанскиот договор.
„Во Спогодбата се предвидува двете држави, на сопствената територија да ја изградат, реконструираат и надградат соодветната патна мрежа, како и сета останата инфраструктура потребна за функционирањето на граничниот премин“, стои во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.