Македонија
Прва социјална зграда во Пробиштип – најавена изградба на уште 9 вакви објекти во земјава
Во Пробиштип почна изградбата на социјална зграда во која ќе можат да се вселат 48 семејства од социјално ранливите категории. Според Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Кристијан Трајковски,очекувањата се дека објектот ќе биде готов за 18 месеци, а следнава година сите станови ќе бидат распределени. До крајот на годината планирано е отпочнување на изградба на уште 9 вакви објекти.
„Очекувам наредната недела и во Неготино да ставиме камен темелник, потоа доаѓа зградата во Бутел која има 312 станови и плановите се и таа до крајот на месецов да почнеме да ја градиме. Заедно со министерот Сугарески работиме на изградба на 10 социјални згради и очекуваме роковите во договорите во целост да бидат испочитувани”, изјави Трајковски.
Според министерот за транспорт и врски Сугарески, целта на политиките на оваа Влада е во делот на социјалата да се обезбеди покрив над глава на најсиромашните семејства. „ Сакам да потенцирам дека овие денови ги потпишав решенијата за определување на социјалните станови во Кочани. Оние што аплицираа претходно деновиве ќе ги добијат решенијата’’ рече Сугарески.
Новите згради за социјално ранливите категории граѓани ќе чинат 15 милиони евра, од кои зградата во Бутел ќе чини 7,5 милиони евра, а останатите чинат по околу еден милион евра.Генералниот директор на АДСДП најави дека за овие згради ќе има нов систем на распределување на становите кој треба да да биде усогласен од страна на Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика.
Според Трајковски, тоа ќе биде транспарентна постапка, за секој социјален случај согласно бодовите што ги стваруваат во делот на нивните примања, број на членови на семејство и истите ќе ги добиваат по електронски систем кој ќе биде реален.
Околу прашањето дали ќе се реши и проблемот со постојните социјални згради во земјава во кои има празни станови бидејќи корисниците заминале во странство, Трајковски одговори дека во тек е теренска проверка, а на оние што ги прекршиле условите ќе им бидат раскинати договорите и становите ќе бидат доделени на лица на кои што им се потребни.
Градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов посочи дека со оваа зграда ќе се реши станбеното прашање на примателите на социјална помош, на лицата со инвалидитет, лицата со посебни потреби како и на самохраните родители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

