Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мора да се отворат сериозни истраги за работењето на Катица Јанева
Во Македонија мора да се врати правдата, мора да се врати владеењето на правото и правната држава. На аболицираниот Заев и неговата криминална банда и требаа шест месеци да се согласи дека Катица Јанева работела лошо и дека нема капацитет да биде на чело на СЈО, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Дури после шест месеци, додаваат од опозициската партија, Дескоска призна дека инсистирањето на Заев, Катица Јанева да го води обвинителството било без основа и само губење на време.
„Тоа што Катица Јанева нема да биде на чело на СЈО не е доволно. Мора да се отворат сериозни истраги и за сите сомненија за нејзино незаконско работење, секој кој се огрешил пред законот мора да одговара. Власта загуби драгоцено време за закон за кој се договорени речиси 60 проценти од членовите. Тоа значи дека власта загуби драгоцени 6 месеци за Република Македонија, време во кое можеа да се реализираат реформи во полза на граѓаните. Очекуваме власта посериозно да ги сфати и останатите забелешки на ВМРО-ДПМНЕ, да престане да го губи времето и да ги прифати сугестиите кои се согласно европските закони и согласно одредбите за човекови права“, нагласуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува досега власта само ги прифаќала принципите како основа за законот, но не ги испочитувала.
„Сега изработуваме наша верзија на закон, според тие принципи врз меѓународни документи и стандарди кои значат и ќе значат вистински квалитет. Тие стандарди не значат амнестија за никого. Единствено СДСМ бара амнестија, криминалната власт бара амнестија за Катица Јанева со тоа бидејќи таа постапува без овластување. Во делот на бомбите Дескоска вели дека за нив може да се склучи договор, а притоа заборава на препораките на Совет на Европа кои што се задолжителни за Република Македонија. Ако добро пребара одговорот во тие препораки е во делот за незаконски стекнати докази. Со Зоран Заев на чело на Владата и со Катица Јанева на чело на СЈО, правда не може да има во Македонија. Овие двајца се пречка за македонските граѓани да живеат во правна држава. Кога тие ќе си заминат, само тогаш ќе има правда во Македонија“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации во земјава.
На средбата се разговараше за плановите на Обединетите Нации, врзани за реализацијата на претстојните проекти со фокус на стратешките приоритети опфатени во Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030 година.
Претседателката укажа на важноста на досега реализираните програми на Обединетите Нации во функција на градење институционални капацитети, унапредување на владеењето на правото и дефинирање на квалитетни јавни политики. Според претседателката, тие се во корелација со напорите за европеизација на македонското општество и исполнување на стратешката цел – интеграција во Европската Унија.
Соговорнички разменија мислења по однос на иницијативата ОН80, чија цел е поттикнување реформа и модернизација на организацијата заради поголема, ефикасност и релевантност во справувањето со глобалните предизвици.
Тие го анализираа нејзиното значење за преиспитувањето на улогата на Обединетите Нации и справувањето со безбедносните, климатски, економските и технолошките предизвици.
Претседателката посочи на неодложната потреба од длабоки реформи на ООН заради обезбедување ефикасен, координиран и одговорен систем на реалните потреби на државите и граѓаните. Таа, уште еднаш ја афирмираше својата заложба за жена генерален секретар.
Исто така, Сиљановска-Давкова посака планираните буџетски рестрикции, соодветни на иницираната рационализација на работата на ООН, да не се одразат негативно врз реализацијата на нивните програми кај нас.
Македонија
Укинување на техничка влада, криминал, корупција, Груевски, се враќаме во 2016 година, велат од СДСМ
Сѐ она што го говореше СДСМ во изминатиот период се потврдува, велат од оваа партија.
„Власта сака да ја укине техничката Влада, единствената можност за чесни и фер избори. Да се влијае на слободната волја на граѓаните а опозицијата да не види што се прават по министерствата.
Криминалот и корупцијата цветаат. 161 тендер за само една фирма, 51 тендер за омилената компанија на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со еден вработен, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ, а одговорност нема.
На листата на Транспаренси интернешенал, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија“.
Според СДСМ, повторно се враќа времето кога парите на граѓаните се трошат само за богатење кликата на Мицкоски во врвот на власта и за луксузирање.
„Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати, сака да купува авион од стотици милиони евра за нови туристички патувања. Исто како Никола Груевски кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Паралелено, власта свесно ја води земјата кон намерна изолација за да може да течат криминалните тендери зад грбот на народот.
Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување. Организиран обид со помош на медиумите на Орбан кој контролира 40%, за да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“.
Од опозициската партија со оценка дека се враќаме во 2016 година.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите

