Македонија
Уништени над 600 парчиња оружје и над 400 килограми дрога
Денеска по повод 9 jули, Меѓународниот ден за уништување на огненото оружје, во погоните на „Еуроникел индустри“ во Кавадарци, беа уништени оружје и наркотични дроги одземени по основ на правосилни судски одлуки, донесени по завршени кривични постапки, како и врз основ на решенија за нивно ништење, донесени од соодветните судови во државата.
Уништувањето на дрогата и оружјето беше реализирано со соработка меѓу Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот. Согласно претходно утврдени законски процедури, огненото оружје и наркотичните дроги претходно беа преземени од магацините на судовите и складирани во магацините на МВР, согласно Планот за преземање мерки и активности за преземање, транспорт и складирање на огненото оружје и наркотички дроги.

„Станува збор за уништени повеќе од 600 парчиња оружје, од кои најголемиот дел се пиштоли -358, ловечки пушки – 142, автоматски пушки -32, воздушни пушки – 54, еден ракетен фрлач и друго. Во поглед на уништени количини на дрога, станува збор за повеќе од 400 килограми наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, и тоа марихуана, хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и друго. Сакам да се заблагодарам на раководството на ‘Еуроникел индустри’ што изрази подготвеност и добра волја и без никаков надомест ни беше понудено заеднички да ја реализираме целата оваа активност“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Министерството за внатрешни работи најави дека продолжува со континуирани акции за заплена на нелегално оружје и дрога.

Во борбата со нелегалното оружје во 2018 година, посочи Спасовски, има подобрување во однос на 2017 година. Во 2018 година биле откриени 187 дела недозволено изработување, држење и тргување со оружје, за што кривично се пријавени 205 сторители.
„Што се однесува, пак, до неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и овозможување на употреба на наркотични дроги, во 2018 година имаме 789 кривични дела, за што се пријавени 905 сторители и во овој сегмент имаме зподобрување на таа дејност за 43 отсто. Во рамки на овие кривични дела запленети се над 1,5 тони дрога“, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени
ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, со поддршка на Горан Герасимовски за втор градоначалнички мандат
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова, денеска даде поддршка за втор градоначалнички мандат на Горан Герасимовски, којшто воедно е и актуелен градоначалник на Општина Центар.
Таа, потенцира дека сега е моментот да се изберат резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања, токму затоа ја дава поддршката на Горан Герасимовски, кој, според Зајкова, ја препознава граѓанската визија, има искуство и е подготвен да работи посветено за доброто на заедницата.
„Одејќи накај Собрание (бидејќи работиме на новиот Предлог- закон за комунална полиција), наидов на предизборните активности на кандидатот за градоначалник на општината во која живеам. Водејќи се од визијата дека на граѓаните им се потребни искусни луѓе кои испорачуваат резултати, а не изговори, упатувам особен повик до сите граѓани кои во првиот круг гласаа за кандидати кои не влегоа во вториот круг: Поддржете кандидат кој ги разбира вашите потреби, кој со своето искуство и посветеност ќе испорача повеќе резултати и веднаш ќе започне со работа – со завршување на започнатите проекти и реализација на нови решенија во интерес на сите нас. Затоа давам поддршка за луѓе како Горан – кои ја препознаваат граѓанската визија, имаат искуство и се подготвени да работат посветено за доброто на заедницата. Сега е моментот да избереме резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања“, напиша Зајкова, на својата објава на Фејсбук.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла

