Македонија
Облачно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено попладне. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, град и пообилни врнежи (над 30л/м2). Минималната температура ќе биде помеѓу 12 и 20, а максималната ќе достигне од 24 до 31 степен.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено попладне. Повремено процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме.
Температурата ќе се движи од 18 до 27 степени.
В четврток и в петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а дневните температури ќе се задржат нешто пониски. В сабота попладне ќе има повремен локален дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојановски: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за превозниците е Град Скопје да ги зголеми средствата за поминат километар, а СДС бара покачување на цената на билетите
На денешната седница на Град Скопје, советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, ја изрази поддршката за иницијативата да се зголеми цената по километар за приватните превозници. Стојановски нагласи дека оваа мерка е важна за решавање на проблемите со протестите и блокираните линии кои приватните превозници ги организираат поради економските тешкотии.
„Прво сакам да нагласам дека изминатиот период советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаше постојани контакти со приватните превозници со цел изнаоѓање на решавање на проблемот кој го имаат тие со цел деблокада на протестите или на невозењето на линиите кои ги имаат доделено од Град Скопје“, рече Стојановски.
Во текот на вчерашниот ден, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во соработка со приватните превозници, одржала состанок во просториите на Град Скопје, каде што бил донесен заеднички предлог. Според овој предлог, цената по километар би се зголемила за 30 денари.
,,Нам ни е јасно дека цената на нафтата секогаш варира и затоа предлогот е цената да се зголеми. Доколку е зголемена или намалена, да биде 30 денари плус од моменталната цена што ја земаат во овој момент. Тој предлог го прифатија сите приватни превозници, за што и заедно имавме прес пред Град Скопје. Тоа е еден огромен и голем доказ дека како ВМРО-ДПМНЕ и советничка група на ВМРО-ДПМНЕ се грижиме за граѓаните со тоа што сакаме да го решиме проблемот на граѓаните и пристапивме кон решавање на проблемот“, изјави Стојановски.
Стојановски напомена дека предложеното зголемување треба да биде вклучено во ребалансот на буџетот, кој ќе се разгледува на следната седница во декември, но нагласи дека ова зголемување не треба да се одрази на месечните билети за граѓаните.
„Апелирам до разум до сите советници и до службите во Град Скопје и градоначалничката денеска да усвоиме еден заклучок, се со цел тој заклучок да се претвори во предлог одлука за зголемување на цената по километар. Сакам да напоменам дека ова зголемување би било наш предлог да биде во ребаланс на буџетот, да се направи ребаланс на следната седница во месец декември, со тоа што тие средства би се вметнале во тој ребаланс и до крајот на договорот до месец мај, исто така во новиот буџет да се предвидат тие средства за приватните превозници“, истакна Стојановски.
Стојановски напомена и дека нема да има зголемување на цената на месечниот билет за граѓаните.
„Ние никако не прифаќаме зголемување на цената на месечниот билет за граѓаните. Единственото решение е заедно со Град Скопје и вас, колеги советници, да изработиме еден заклучок на денешната седница, секако доколку градоначалничката и службите прифатат таков заклучок од овој совет“, заклучи Стојановски.
Македонија
Мицкоски: Предупредував дека ќе има обиди за создавање етнички тензии, најостро го осудувам сквернавењето на македонското знаме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за коментар во врска со случувањата вчера, со сквернавењето на знамето изјави дека најостро го осудува и дека претставува чин на агресија.
„Најостро го осудувам тоа. Сепак, претставува чин на агресија, нешто за коешто ние предупредувавме дека ќе се случува, дека ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање на етнички тензии, дека ќе има, и ќе има и во иднина. Ако мислите дека ова ќе биде изолиран случај, нема да биде. Очекувајте дека ќе има и во иднина, бидејќи како правдата пополека, но сигурно се доближува до криминалците и како правдата ќе затропа на нивните врати, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал, е токму вака со манипулирање и предизвикување ваков тип на инцидентите. Честитам на навремената, трезвена државничка реакција на Министерството за внатрешните внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност, СВР-Скопје, припадниците на Министерството за внатрешни работи, коишто не дозволија ескалирање, но истовремено реагираа во насока на приведување на лица, којшто како што вие рековте го сквернавија македонското државно знаме и тие се веќе приведени. Во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија. Од она коешто го имам како информација, мислам дека го соопшти министерот за внатрешни работи, тие ќе бидат обвинети според членот 319 од Кривичниот законик, каде што запретана затворска казна е од минимум една, максимум пет години, за предизвикување на расна и така натаму, национална нетрпеливост и загрозување на државните симболи и навреда на достоинството на граѓаните и државата и така натаму. Тоа е малце подолг член“, вели тој.
Премиерот Мицкоски порача дека секој оној којшто ќе го прекрши законот и Уставот ќе одговара.
„Јас апелирам до македонските граѓани на трезвеност. Апелирам да не дозволиме, овие инциденти да предизвикаат негативни чувства, бидејќи ова е една мала изолирана манипулирана група од оние коишто ги штитат своите милиони, а до тие којшто се потенцијални жртви на овие политички криминалци и насилници сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого. Секој оној којшто ќе го прекрши законот и Уставот ќе одговара. И ако мислат дека се недопирливи и ако мислат дека ова што го зборуваме не е вистина, мислам дека силно ќе се разочараат и ќе бидат сведоци уште во првиот обид за овие којшто во текот на вчерашниот ден беа приведени, но и оние кои што во текот на денот и деновите коишто следат, а којшто постојат докази за сторено кривично дело или прекршочно дело, ќе бидат исто така приведени, извадени пред истражен судија“, дециден е премиерот Мицкоски.
„Ќе повторам, апелирам до македонските граѓани без разлика на етничката припадност да не дозволиме овие криминални групи со којшто сѐ уште се длабоко во своето политичко мочуриште, а беа седум години власт, да не дозволиме да ја дестабилизираат нашата заедничка татковина Македонија, а ние како Влада гарантираме безбедност трезвена акција на Министерството за внатрешни работи како што беше вчера и државничко однесување. За ова беа предупредени дека токму ќе се случува вчера, бидејќи ги имавме информациите, и нашите стратешки партнери и припадниците на меѓународната заедница. Исто така уште утрово, заедно со министерот за надворешни работи и трговија ги информиравме за случувањата, доказите, нашите стратешки партнери во земјата, но и надвор, за тоа што се случуваше со какви информации располагаме и што е она коешто очекуваме во периодот што следи да се случува. Но бидете сигурни дека македонската Влада ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во држава“, подвлече премиерот Мицкоски.
Во однос на прашањето дека има докази и индиции, дека политички партии стојат во иницирањето на овие инциденти и тие се главните мотиватори на овие групи како што рековте дека се предизвикуваат вакви инциденти, премиерот објасни:
„Сите докази со коишто располагаме и располагавме се доставени до нашите партнери, но истовремено ќе бидат и докази во судските постапки и во периодот коишто следи. Мислам дека нема да остане само на овие осум приведените лица“, и додаде:
„Многу бев прецизен во мојата изјава и ги повикав сите граѓани без разлика на етничката припадност Македонци, Албанци, буквално сите во овој момент ни треба трезвеност и мир, а секој којшто го прекршил законот и Уставот ќе одговара“.
Скопје
Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“
Почнува темелната реконструкција на сaлaта „Расадник“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски, денес го означија почетокот на реконструкцијата на овој капитален проект, кој во изминатите 30 години беше оставен на милост и немилост на времето претворајќи се од најголема спортска гордост, во најголем срам. Со правната битка што ја водеше градоначалникот Ѓорѓиевски успеа да ја врати салата во сопственост на Општината, ослободена од наследените долгови. Следниот чекор како локална самоуправа беше да се нарача проект за нејзина целосна реконструкција по што, по добиената поддршка од Владата на Република Македонија и Министерство за спорт, кое ги обезбеди финансиските средства, денес беше означен почетокот на новиот живот за салата „Расадник“.
„На мое огромно задоволство денеска во нашата општина вторпат неделава за еден од најзначајните проекти е присутен и премиерот. Огромно е нашето задоволството од неговото присуство и од делата што ги прави во изминатиот релативно кус период откако е премиер, особено во Кисела Вода. Благодарност и до министерот за спорт за неговата заложба овој објект, каков што го гледате денеска, да го ставиме во историјата и овде повторно да никне храм на спортот за Кисела Вода, но и за цело Скопје. Како што може да ја видите состојбата, оваа сала е доказ за 30 години како не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале, а ништо не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата на Република Македонија, на премиерот и на министерот за спорт, од денеска па натаму овде се менуваат приказната и сликата и ова повторно ќе биде место каде што ќе се собира народот и каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња како што било случај во минатото. Особено ми е драго што денеска е овде и г. Атанас Костовски, човек што во минатото присуствувал на отворањето на оваа сала и се договоривме на почетокот на мојот мандат дека тоа заеднички повторно ќе го направиме овде. Се надевам дека за неколку месеци и ќе ја отвориме салата заедно овде и со премиерот и со министерот. Ова е дом на ракометниот клуб ‘Вардар’, место каде што ги има направено своите почетоци. И по многу години, конечно и РК ‘Вардар’ ќе си дојде на своето место. Уште еднаш огромна, огромна благодарност до премиерот и претседател на Владата. Со овој проект, кој има сентиментална вредност за сите наши жители овде во Кисела Вода, претседателот на Владата и министерот се запишуваат во историјата кај сите граѓани овде, во историјата на Општина Кисела Вода и се надевам дека многу бргу од денеска ќе присуствуваме сите на еден настан што ќе значи преполна сала и создавање спортски спомени овде, во оваа сала“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Со особено задоволство го означуваме почетокот на проектот за комплетна реконструкција на салата ‘Расадник’, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но и беше дом за многу деца и многу генерации што се занимаваа со спорт. Она што го ветивме почнуваме да го реализираме. Од понеделник почнува комплетната реконструкција на салата, проектот за реконструкција чини 120 милиони денари. Се надеваме дека со една добра соработка со изведувачот и со поддршка од локалната самоуправа и константна комуникација со Министерството за спорт реконструкцијата ќе биде завршна и во многу пократок рок. Средствата се обезбедени, останува само да се почитува овој динамички план што ќе го договориме со економскиот оператор и повторно да ѝ го вратиме сјајот на оваа сала. Со реализацијата на овој проект ‘Расадник’ повторно ќе биде дом на многу спортови, сала што ќе произведува нови спортисти и во која ќе се промовираат вистински вредности, а не да биде ваква руина оставена на времето, во која повеќе од 15 години не е ништо направено“, рече министерот Борко Ристовски.
„Ова е еден посебен момент бидејќи нешто што со децении е оставено да пропаѓа сега почнува да се реновира, да се реконструира и да добива еден современ, модерен лик. Салата ‘Расадник’ ќе биде дом на многу спортски клубови. Од градоначалникот на Кисела Вода слушнавме дека можно е ракометниот клуб ‘Вардар’ да се пресели овде и ова да биде официјално нивниот дом. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека ќе продолжиме да инвестираме. Капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции за нас претставува главен приоритет“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
На настанот со кој беше означено почнувањето на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ денеска присуствуваа многу граѓани, спортисти, како и Михајло Михајловски, кој многу години беше претседател на РК „Вардар“, како и доајенот на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, кој во 80-тите години ја отворил салата „Расадник“.