Регион
Дачиќ призна дека згрешил, но Борисов бара јавно извинување
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека згрешил кога ја оценил како неприфатлива изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов дека шпанскиот дипломат треба да ја застапува позицијата на ЕУ во однос на Косово, а не на неговата држава, која е против признавањето на независноста на најмладата балканска држава.
,,Премиерот Борисов всушност одговара на прашање дали Брисел ќе е пристрасен, зашто Шпанија не го признава Косово. Тоа за мене суштински го менува контекстот не неговата изјава. Со Борисов соработувам со години и бев изненаден од интерпретациите на неговите зборови во нашите медиуми. Сето тоа го прочитавме со министерката Захариева. Со Бугарија сакаме добри односи, пријателски, сојузнички и стратешки, зашто тоа е во интерес на двете држави и двата народа”, рече Дачиќ.
Борисов пак рече дека сака јавно извинување од српскиот шеф на дипломатијата.
,,Вчера си дозволи да го повика нашиот амбасадор и да му каже дека моето однесување е неприфатливо. Дачиќ сега ќе види што е неприфатливо однесување.До вчера зборував со најдобри зборови, но откако си го дозволи тоа… Се додека не ми се извини на мене, не ме интересира што ќе кажат ниту Александар Вучиќ ниту Ана Брнабиќ”,рече Борисов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.