Македонија
Обновена сцената на Античкиот театар за „Охридско лето“
Националната установа Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со Националната установа „Охридско лето“ ја реконструира сцената на Античкиот театар. Станува збор сцена со површина од 270 метри квадратни која поради дотраеност беше во исклучително лоша состојба. Градежните зафати ги извршија екипи на јавното локално претпријатие „Градски гробишта “ и технички лица вработени во Завод и Музеј – Охрид, кои неуморно работеа во текот на изминатите осум дена.
Директорот на претпријатието „Градски гробишта“, Ванчо Костоски, вели дека сцената е комплетно реконструирана и сите настани што се закажани на Античкиот театар можат да почнат непречено.

„Како и во текот на изминатите години, нашето претпријатие помага во активностите на фестивалот ‘Охридско лето’ и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. На сцената на Античкиот театар комплетно го заменивме дрвениот под со ново и квалитетно дрво, поставивме соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка“, појаснува Костоски.

В.д. директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Елеонора Новаковска, потсетува дека претходно оваа национална установа ги префарба платформите и пристапните скали до платформите на Античкиот театар, кои беа целосно реконструирани пред почетокот на минатогодишната сезона .
„Целосната обнова на сцената на Античкиот театар се одвиваше во соработка помеѓу двете национални установи, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј и Охридско лето”, вели Новаковска.
Според неа, за ваквите зафати врз културно-историските добра е особено важна соработката, не само помеѓу институциите од областа на културата туку и со локалната самоуправа, која, како што вели, излегува во пресрет преку ангажирање на јавните локални претпријатија.
„На тој начин се придонесува не само за афирмација и промоција на нашето културно наследство, туку и за јакнење на јавната свест за неговите вредности и значење. Ваквиот начин на работа и воспоставување соработка е многу е важен и за одржливиот развој. Ние како институција инвестираме, но со издавање на објектите, парите се враќаат назад и повторно ги користиме за одржување на објектите и локалитетите што се под наша надлежност. Така, сите интервенции околу сцената, платформите и скалилата на Античкиот театар ги правиме со средства од сопствената сметка, поточно од сметката на нашата институција“, додава Новаковска.
Новата сцена на Античкиот театар, како што објаснува директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, ќе биде од исклучително значење за уметниците коишто настапуваат на овој археолошки локалитет, особено за отворањето на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија кое по традиција секоја година на 12 јули се одвива токму на Античкиот театар.
„Реконструкцијата на сцената на Античкиот театар значи многу за нас, како национална установа која ги носи најзвучните светски имиња од светот на музиката и театарот. Ние, заедно со мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј, ја имаме честа први да застанеме на обновената сцена на овој наш најголем археолошки локалитет. Ванеса Меј на 12 јули на Античкиот театар ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот ‘Охридско лето’“ , вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Педесет и деветтото издание на фестивалот „Охридско лето“ свечено ќе биде отворено в петок на Античкиот театар со почеток во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

