Европа
Училиште во Холандија принудено да го затвори игралиштето поради поплаки за бучава
Холандското основно училиште е присилно делумно да го затвори своето игралиште откако жителите кои живеат во близина се пожалија на бучава.
На училиштето, кое се наоѓа во Нијмеген, му било наредено да го затвори своето фудбалско игралиште до крајот на месецот – или да се соочи со парична казна до 10.000 евра.
Одлуката доаѓа откако поплаките од страна на жителите во станбениот блок лоцирани спроти училиштето доведоа до истрага од страна на локалниот совет.
Во Холандија, границата за бучавата е поставена на 70 децибели, но истрагата на советот покажа дека децата што играат во детското игралиште Де Бут го надминале ова за 18 децибели.
Повеќе од 4.000 луѓе ја потпишаа петицијата за спасување на полето, кое учениците и децата од областа го користат веќе 40 години. Во неа се тврди дека областа содржи „единствено поле за играње во соседството и секој ден го користат децата [од сите страни] за да играат, да вежбаат и да учат“.
Знак обесен во знак на протест против затворањето на игралиштето се осврна на холандскиот женски фудбалски тим, кој стигна до финалето на последното Светско првенство.
„Портокаловите лавици, исто така, мора да започнат од некаде“, пишува на знакот.
Ерик Ролофсен, директор на холандската Фондација за бучава, рече дека е разбирливо што жителите се жалеле на бучава од околу 88 децибели, но дека грешката лежи кај локалната власт.
Тој изјави за „Еуроњус“ дека решението на проблемот е во просторното планирање на становите, кои биле погрешно испланирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: Го уништивме рускиот систем Бук, не можеа да го изгаснат пожарот
Украинските сили за специјални операции тврдат дека го уништиле лансерот на рускиот противвоздушен ракетен систем Бук на линијата на фронтот во регионот Суми.
Според извештаите, операторите во украинската единица забележале руски противвоздушен ракетен систем Бук-М1 додека изведувале борбени операции на фронтот.
Операторите потоа користеле нападни беспилотни летала за да ја нападнат целта. Русите неуспешно се обиделе да го изгаснат пожарот и да ја спасат својата опрема, тврдат Украинците. Тие споделија и видео на кое се гледа експлозијата и последователниот пожар.
Украинците наведуваат дека лансерот со шест проектили бил уништен со прецизен удар. Инаку, Украинците во вторникот пријавија и уништување на два Бука на истиот дел од бојното поле.
Европа
Грузија сака да донесе закон за „странски агенти“, oфицијален претставник на ЕУ: Неприфатливо
Висок функционер на Европската унија денеска ја предупреди грузиската влада дека предложениот закон за „странски агенти“ е неприфатлив и ќе претставува пречка во напорите на земјата да се приклучи кон ЕУ, доколку биде усвоен во сегашната форма.
Грузискиот парламент вчера го усвои законот во второто читање, за кој опозицијата вели дека е инспириран од Кремљ, додека полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера толпата демонстранти.
Владата смета дека законот е неопходен за да се гарантира транспарентно странско финансирање на невладините организации.
Секоја вечер, речиси еден месец, се поголем број демонстранти излегуваат на улиците. Вчера десет илјади демонстранти го блокираа центарот на Тбилиси на најголемиот антивладин митинг организиран досега.
Герт Јан Купман, директор на Управата за проширување на Европската комисија, за новинарите во главниот град на Грузија изјави дека Брисел ја следи ситуацијата и е загрижен за тоа што се случува.
„Гледаме загрижувачки случувања кога станува збор за законодавството. Законот за транспарентност, кој беше усвоен во второ читање, е неприфатлив во сегашната форма и ќе создаде сериозни пречки на патот кон пристапување во ЕУ“, рече Купман.
„Но, има уште време. Во септември ќе излеземе со препораки дали да ги започнеме пристапните преговори со Грузија и да објавиме извештај во октомври и ноември, така што има уште време. Но, сега топката кај владата“, додаде тој.
Грузискиот парламент се очекува да го разгледа законот во третото читање за околу две недели.
Европа
Русија: Не ја гледаме поентата на мировната конференција во Швајцарија
Русија објави дека не ја гледа поентата на конференцијата за прекин на огнот во Украина што Швајцарија ја планира за средината на јуни и на која Москва не беше поканета. Швајцарската влада соопшти дека Русија „во овој момент“ не е меѓу десетиците поканети земји, додавајќи дека е отворена за нејзино учество, но дека Москва не е заинтересирана. Берн го најави собирот во јануари, велејќи дека го организирал на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека Москва не ја смета за веродостојна иницијатива.
„Не разбираме каква пресвртница би била таа мировна конференција“, им рече тој на новинарите. „За каква конференција зборуваме, за каква сериозна конференција со сериозни очекувања дека ќе има некакви резултати, без учество на Русија?
„Тоа е целосно невозможно и јасно е дека тоа е некаква иницијатива која не е фокусирана на резултати“, заклучи тој.
Швајцарската влада соопшти дека „мировниот процес не е можен без Русија. Украина, од друга страна, ги доведува во прашање придобивките од руското учество на состанокот што ќе се одржи во близина на градот Луцерн.
„Знаеме дека нема смисла да ја имаме Русија на маса ако не можете да се осигурате дека таа ќе дејствува со добра волја“, рече шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба минатата недела во интервју за магазинот „Форин полиси“.
Кулеба смета дека создавањето дополнителен притисок врз Русија на бојното поле и обединувањето на земјите „кои ги делат принципите“ ќе помогнат Русија да биде подготвена да учествува во дијалогот.