Свет
Во Велика Британија откриено месо заразено со африканска свинска чума

На аеродромот во Северна Ирска во пратка со месо е детектирана африканска свинска чума, што е прв случај на овој вирус во Велика Британија, пишува „Гардијан“.
Вирусот е откриен во пратка на повеќе од 300 килограми нелегално месо и млечни производи во кои имало траги на вирусот, кој може да преживее неколку месеци во преработеното месо.
Британското Министерство за земјоделство соопшти дека откривањето на траги од ДНК на вирусот не претставува значителна закана за здравјето на животните во Северна Ирска, ниту, пак, го менува статусот на државата, односно Велика Британија ќе продолжи да се декларира за земја во која нема свињи заразени од вирусот.
Во моментов во светот има околу 6.000 жаришта или области во кои се појави вирусот африканска свинска чума. Оваа заразна болест најчесто се пренесува преку директен контакт со заразени животни, но, исто така, може да се шири преку инсекти како што се крлежи.
Вирусот може да преживее неколку години во замрзнатото месо, така што замрзнатите производи од месо претставуваат посебен ризик за пренесување на оваа болест.
Африканската свинска чума (ASK) е вирусна заразна болест која ги погодува исклучиво свињите и не е опасна за луѓето и другите животни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина: Се надеваме на договор за Украина што е прифатлив за сите страни

Кина денес изјави дека се надева на договор за Украина „прифатлив за сите страни“, пред состанокот во Белата куќа меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери.
Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега би можел речиси веднаш да ја заврши војната со Русија, исклучувајќи ја можноста Киев да ја врати контролата врз полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и да се приклучи кон НАТО. Украинскиот претседател прво ќе одржи приватни разговори со Трамп, почнувајќи во 19 часот по средноевропско време, а потоа ќе им се придружат и европските лидери.
„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе учествуваат во мировните преговори навремено и што е можно поскоро ќе постигнат праведен, траен, обврзувачки и сеприфатлив мировен договор“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција.
Заедно со Зеленски, во Белата куќа се очекуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Самитот одржан пред три дена во Алјаска меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега Владимир Путин не доведе до прекин на огнот.
Кога беше прашана за средбата меѓу Трамп и Путин, портпаролката Мао Нинг денес потврди дека Кина ги поддржува сите напори насочени кон мирно решавање на кризата. „Кина е задоволна што Русија и САД одржуваат контакт, ги подобруваат своите односи и промовираат политичко решение за украинската криза“, нагласи таа.
Свет
Украина: Погодивме нафтовод во Русија

Украинската војска потврди дека погодила нафтовод во рускиот регион Тамбов, со што се прекина снабдувањето од нафтоводот Дружба.
Претходно денес, унгарското Министерство за надворешни работи ја обвини Украина за напад врз тој нафтовод и изјави дека протокот на руска нафта кон Унгарија е запрен поради тоа.
„Украина повторно го нападна нафтоводот што води до Унгарија, прекинувајќи го снабдувањето“, напиша унгарскиот министер за надворешни работи на платформата „Икс“.
„Овој последен напад врз нашата енергетска безбедност е срамен и неприфатлив!“
Украинскиот шеф на дипломатијата Андриј Сибиха одговори на таа објава, велејќи дека „Русија, а не Украина, ја започна оваа војна и одбива да ја заврши“.
Сибиха додаде дека Унгарија со години е предупредувана дека Москва не е сигурен партнер.
Свет
Трамп: Денес е голем ден во Белата куќа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на социјалните мрежи дека денес е „голем ден во Белата куќа“.
„Америка никогаш немала толку многу европски лидери тука истовремено“, напиша тој на својот профил на „Тру соушал“.
„Голема чест за Америка!!!! Ќе видиме какви ќе бидат резултатите???“
Во исто време, според извештајот на агенцијата Укринформ, Володимир Зеленски се среќава со американскиот претставник Кит Келог во Вашингтон пред неговите разговори со Трамп.