Македонија
Димитров се сретна со новата амбасадорка на САД: „Извонреден напредок е направен во Северна Македонија“
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнс, која му ги предаде копиите на акредитивните писма за нејзино именување за амбасадорка.
Димитров, посакувајќи ѝ на амбасадорот Брнс срдечно добредојде и успех во вршењето на функцијата, изрази очекување дека исклучително позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски земји ќе продолжи успешно да се развива и за време на нејзиниот мандат.
„Доаѓате во време на можности. Имаме многу направено во правец на исполнување на нашите клучни стратешки цели, иако останува уште работа пред нас. Нашиот прогрес ќе овозможи позитивно да влијаеме врз европскиот и евроатлантскиот пат на регионот “, изјави министерот Димитров.
Министерот се заблагодари за континуираната и цврста поддршка од САД за остварување на евроатланските аспирации на нашата држава, со увереност дека истата ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина.
Амбасадорот Брнс изрази задоволство од можноста да работи и лично придонесе во зајакнувањето на односите меѓу двете држави. Во таа насока истакна: „Извонреден напредок е направен во Северна Македонија. Важно е да се искористи овој моментум кон отворање нови можности и перспективи за државата“. Таа ја повтори поддршката на американската влада за продолжување на нашата реформска агенда.
Соговорниците оценија дека билатералните односи, засновани на стратешкото партнерство и постојаниот политички дијалог, се блиски и пријателски. Беше нагласено дека во претстојниот период и двете страни посветено ќе работат на понатамошно продлабочување и севкупно интензивирање на соработката, а врз основа на споделените заеднички цели, интереси и вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

