Свет
Во Дамаск почна реставрацијата на aнтичките плитки релјефи од Палмира
Експертите од Националниот музеј во Дамаск почнаа со реставрација на aнтичките плитки релјефи од Палмира делумно уништени од милитантите на терористичката Исламска држава, изјавидиректорот на музејот, Оман Саад, пренесува ТАСС.
„Овие делови беа донесени од Палмира по првото ослободување, кога сириската армија го ослободи градот и ги транспортира сите овие делови во музејот. Како што можете да видите, сите овие скулптури биле уништени од милитанти на ИД. Пред ИД да ја заземе Палмира, бевме таму и зедовме дел од скулптурите заради безбедност, меѓутоа некои останаа таму. Кога дојде ИД, почна да ги уништува преостанатите скулптури, најпрво осквернувајќи им ги лицата, а потоа и останатите скулптури. Сега, тим експерти пристигна во Дамаск за да почне реставрација “, рече Саад.
Специјалистите ги разгледуваат старите фотографии за да ги обноват уништените уметнички дела, користејќи варовник донесен од Палмира.
Реставрацијата е финансирана единствено од сириската влада, без помош од меѓународните организации како УНЕСКО.
„Според мое мислење, ова е политичко прашање. Претходно, во 2014 и 2015 година, тие помогнаа, но сега не добиваме помош. Ова се однесува не само на УНЕСКО, туку и на други мисии кои работеле тука. Многу нмалку организации помагаат сега “, истакна Саад.
Саад не беше во можност да го одреди точното време на процесот на реставрација. Според него, процесот може да се забрза со помош на меѓународната заедница.
„Тешко е да се каже, потребна ни е помош од сите што можат да ја обезбедат – различни мисии, сите заинтересирани за одржување на културното наследство. Телевизиите и списанијата секогаш ја истакнуваат важноста на одржувањето на локалитетите од културното наследство, но тоа не го гледаме во пракса, нема помош”, заклучи тој.
Палмира, честопати нарекувана Невеста на Сириската пустина, била значаен центар на трговијата и културата на крстопатот на трговските патишта во античките времиња. Таа го достигна својот зенит во 1. и 2. век од нашата ера. Голем број славни архитектонски споменици се однесуваат на тој период.
УНЕСКО ја стави Палмира на својата листа на светско културно наследство. Исламските милитанти кои ја контролираа Палмира од мај 2015 до март 2016 година и од декември 2016 до март 2017 година, уништија голем број антички споменици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Пред нас е глобална трансформација; Унгарија и Брисел немаат ист пат
Глобална трансформација е пред нас, истакна денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Украина, кризата во Венецуела, тензиите околу Гренланд, Тајван и Иран – така почна 2026 година“, наведе Орбан во објава на Фејсбук.
Тој рече дека најважната тема на денешната владина седница ќе биде одржувањето на Унгарија на „патот на мирен и стабилен развој во невидено опасно време“, пренесува МТИ.
„Ова е нашиот пат. Патот на мирот, со дела, а не со зборови“, истакна унгарскиот премиер.
Орбан додаде дека тоа е спротивно на патот на Брисел, кој вклучува воени планови, средства на ЕУ кои, според Орбан, методично се крадат во Украина.
Фото: Depositphotos
Свет
Лавров: Западот сам се изолира, поттикнува антируска хистерија
Западот, обидувајќи се да ја изолира Русија, дозволи крајно срамни ситуации на мултилатерални настани, а на крајот дојде до самоизолација на западниот свет, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Имаше апсолутно срамни ситуации кога на меѓународни настани, како што е Г20, се договорија да не се ракуваат со руските претставници. Кога нè гледаа во ходниците во близина на салата за состаноци, се преправаа дека го тргаат погледот и бегаа од нас – возрасни луѓе“, рече Лавров во интервју за време на манифестацијата „Јолка желја“ (Божиќна желба), пренесе ТАСС.
Тој додаде дека Русија активно ја развива дипломатијата со она што сега го нарекува „глобално мнозинство“ во Азија, Африка и Латинска Америка, истакнувајќи дека Западот, всушност, сам се изолирал. Лавров, исто така, ги критикуваше европските политичари дека поттикнуваат антируска хистерија.
Свет
Министрите на Германија, Франција и Полска на состанок за поддршка на Украина
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска денес попладне ќе одржат состанок на таканаречениот „Вајмарски триаголник“, а форматот ќе биде доминиран од темата за поддршка на Украина, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Радослав Сикорски ќе се сретнат во Париз, еден ден откако Елисејската палата беше домаќин на самитот на „коалицијата на подготвените“, на кој беше изразена намера Франција, Велика Британија и партнерските сили да испратат воени единици во Украина во случај на мировен договор со Русија.
По состанокот на лидерите на коалицијата, американската делегација и украинскиот претседател Володимир Зеленски беше потпишана заедничка декларација за безбедносни гаранции за Киев, во која се наведува и дека Соединетите Американски Држави ќе интервенираат воено во случај на нов напад од Русија, како и дека ќе го водат механизмот за надзор на почитувањето на прекинот на огнот.
На состанокот на Вајмарскиот триаголник, формат покренат во 1991 година во истоимениот германски град, подоцна денеска треба да му се придружи и индискиот министер Субрахманијам Џајшанкар, со кого ќе се разговара и за зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Индија, но и за предизвиците во регионот на азиско-пацифичкиот простор.
Фото: Depositphotos

