Економија
Средба Бектеши-Дуран: Понуда од УНКТАД да го забрза развојот и продуктивноста на економијата

Северна Македонија доби понуда од УНКТАД да ги искористи можностите од Програмата за наука, технологии и иновации, која што може да им помогне на националните програми и капацитети да придонесат за развој и поголема продуктивност на економијата. Ова беше главната порака на средбата која што ја оствари министерот за економија Крешник Бектеши со заменик генералниот секретар на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) Изабел Дуран.
На средбата која се реализираше во рамки на тридневната работна посета на министерот Бектеши во Женева, тој ја информираше претставничката од УНКТАД за реформите кои што државата ги направи во изминатите две години за подобрување на бизнис климата во земјата. Како што потенцираше Бектеши, после стабилзирањето на политичката ситуација во земјата со потпишување на Договорот од Преспа со што се реши деценискиот спор со Грција за промена на уставното име и договорот за добрососедство со Бугарија, на земјата и’ се отвори простор за зголемување на регионалната сопработа, но и патот кон интеграција во Европската Унија и НАТО.
Покрај реформите во енергетиката, прекуграничната соработка, инвестициите во патна и железничка инфраструктура, најголем акцент за поттикнување на растот на економијата, како што нотираше Бектеши, е изготвувањето на Планот за економски раст.
„Минатата година година го изготвивме Планот за економски раст кој што се спроведува со Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Со него се изедначуваат домашните и странските инвеститори, што не беше случај во минатото. Содржи мерки за поттикнување на конкурентноста на компаниите во земјата за да бидат подготвени да влезат во големите пазари и најважниот дел е да се промовираат иновациите, стартапите и акцелаторите. Ова се нашите политики за поттикнување на растот на економијата“, појасни министерот Бектеши.
Според Дурант, Северна Македонија како мала земја има многу можности за развој на економијата, пред се’ преку поддршка на иновативноста на малите и средни компании, кои што можат да го поттикнат растот, но и приливот на странски инветсиции.
„Како земја можете да имате бенефит од иновации, наука и технологија ако тоа го препуштите на академскиот сектор да го развива, но и на компаниите како акцелатори на стартапи за да имате силна база за развој на иновативни компании. Тоа е нешто на кое може како земја да посветите поголемо внимание, бидејќи тоа е поврзано и со привлекување на странски инвеститори“, порача Дурант.
Бектеши и Дурант беа согласни дека позитивниот исход од политичката криза и мирното решавање на споровите со соседите се меѓу главните мотори за забрзан раст на економијата, за што Бектеши порача дека земјата ги направила сите неопходни чекори за конечно оваа есен да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Во рамки на посетата на Обединетите Нации, министерот Бектеши оствари и неформална средба со Кире Илиоски, кој од 1 јули стапи на функцијата директор во Канцеларијата на извршниот сектретар на Обединетите Нации (ОН).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Состојбата со електричната енергија под постојан надзор – координирана акција на клучните институции

На денешниот состанок на ресорската група за енергетика, што се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа разгледани моменталните состојби со снабдувањето со електрична енергија и тековните активности на главните актери во системот. Групата, која ја сочинуваат сите релевантни институции и компании – АД ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот, е формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска и има задача да обезбедува постојана координација и брза реакција при какви било ризици во снабдувањето.
Главна тема на состанокот беше анализата на потрошувачката за време на претходните празници и подготвеноста на системот за следниот викенд за време на првомајските празници. Заклучено е дека мрежата успешно го амортизирала зголемениот притисок, без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат мобилизирани и за претстојниот период.
Од страна на АД ЕСМ беше посочено дека водостојот, кој на крајот на минатата година беше на критични 11%, сега е стабилизиран над 30%, благодарение на внимателното и штедливо управување со ресурсите. Се работи, како што истакнаа од компанијата, со „домаќински и одговорен пристап“ кој веќе дава резултати.
Се разговараше и за напредокот на тековните енергетски проекти, фазите во кои се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат. Дел од нив се одвиваат според динамиката, додека за некои се иницирани интерни постапки за надминување на забавувањата. Во фокусот беа и идните планови за инвестиции со кои би се зголемила сигурноста и отпорноста на електроенергетската мрежа.
Според министерката Божиновска, ваквата редовна координација е суштинска:
„Секоја проценка, секоја анализа и секој чекор што го правиме има една цел – стабилно и безбедно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е гаранција дека навреме ќе ги адресираме сите можни ризици.“
Ресорската група ќе продолжи со редовни состаноци и известувања до јавноста, со акцент на транспарентност и професионален пристап во управувањето со националниот енергетски систем.
Економија
Мицкоски: Мерките дадоа резултат, цените на храната се намалија дури и според кошничката од синдикатот

Претмиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека цените на храната се намалени дури и по потрошувачката кошничка која ја прави еден од синдикатите и посочи дека таа кошничката која ја спрема владата кога ќе биде готова ќе биде дадена на увид, но ќе ги содржи сезонските производи и просечните цени од повеќе маркети, а не само од скапите.
„Околу потрошувачката минимална кошница која ја објавуваше еден од синдикатите, а минатиот месец отсуствуваше објавата, зошто тие треба да дадат одговор, па овој месец двете ги залепија една со друга, но и тоа покажува дека потрошувачката кошница во делот за прехранбени производи е намалена за 2147 денари, нешто помалку од 9% во месец април споредено со февруари. Зошто е тоа направено претпоставувам поради мерките кои ги усвои владата и кои на 30 април ќе завршат. Очекувам јасна и детална анализа и мониторинг, на пазарот да нема одредени девијации кога некои од трговците ќе се обидат да заработат надвор од она што е пристојно однесување, бидејќи се тешки времиња“, рече Мицкоски.
Потенцираше дека новата потрошувачка кошничка се прави во консултација со низа институции, за што е задолжено министерството за економија и труд со сезонски продукти и каде што репер цена ќе биде онаа која е просечна од неколку маркети, а тоа им е кажано и на синдикатите.
„Сите знаеме има ланци кои се со пониски цени и такви со повисоки цени. Не е готова, ќе биде дадена на јавноста, на синдикатите на мислење и ќе ги опфати оние производи кои се потребни, а не со кои се вулгаризира сето ова. Ние не велиме дека таа кошница ќе ја натсинхронизира таа на синдикатот, но добро е да имаме 2-3 мислења, а граѓаните нека судат“, посочи Мицкоски.
Во врска со дијалогот со синдикатите, тој рече дека има чувство дека голем дел од пораките кои доаѓаат од една од синдикалните организации се повеќе политички отколку синдикални.
„Но во ред и тоа е легитимно. Ова го кажав и на состанокот директно. Ако некој решил сето ова да го сведе на политика нема проблем, ќе водиме политика, но по пат да не се загубиме. Затоа што тешко се живее, за жал како да државата претставува депонија на производи, а не суштински производи со вистински квалитет, и имам чувство дека дел од маркетите и трговците како да изгубиле чувство во која држава стопанисуваат и имаат маржи надвор од нормалните. Не ретко се случуваат и индиции за картелско здружување на одредени субјекти кои диктираат цени и маржи и имајќи го сето ова во предвид анализираме и правиме акција. Покажуваме добра волја за да направиме добро за граѓаните. Донесовме две мерки, ограничување на дистрибутивните и трговски маржи и да ги објават цените“, нагласи Мицкоски.
Зборувајќи за тоа како маркетите ги објавија цените премиерот посочи дека шокирачко е однесувањето на некои трговци и следен пат владата ќе изготви софтвер за нема злоупотреби и на таа мерка.
„Она што го видов се шокирав и следно ќе направиме софтвер, ние ќе го финансираме и такви измени да мора да го користат, затоа што има еден ланец кој објавил 17.000 артикли и само закачил на веб страна листата. Мислевме дека можеме културно да се разбереме, очигледно дека некои мислат дека се над сето ова. Ќе одиме и чекор понапред и апликација за граѓаните да лоцираат маркет и направат споредби на цени. Минималната потрошувачка кошничка се намалува дури и по методологијата на еден од синдикатите, а тој тренд ќе продолжи или да се стабилизира, но доколку има девијантно однесување повторно ќе донесеме мерка“, изјави Мицкоски.
Економија
Директорот на ТИРЗ во посета на компаниите во зоната во Прилеп: со транспарентен и партнерски однос до долгорочен економски раст

Во рамки на концептот на активна и континуирана соработка со сите инвеститори во зоните, денес директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, заедно со заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески оствари официјална посета на Гентерм, ВИК и Инјецтион Моулдинг, компании кои работат во ТИРЗ Прилеп. Посетата опфати координативни средби со раководството на компаниите, како и обиколка низ производствените погони, сѐ со цел да се увидат предизвиците со кои се соочуваат компаниите, да се изнајде решение за наследените проблеми, како и да се разгледаат можностите.
Димовски ја нагласи посветеноста на Дирекцијата која активно работи на подобрување на условите и олеснување на административните процедури со цел создавање поконкурентна деловна клима и поддршка за понатамошен раст на компаниите. Тој истакна дека само со директна комуникација, транспарентен пристап и партнерски однос со инвеститорите може да се постигне долгорочен економски раст и развој.
Од страна на раководството на компаниите беше изразена благодарност за отвореноста и подготвеноста на Дирекцијата за соработка. Тие ги презентираа своите тековни и идни планови, потенцирајќи ја потребата од континуирана институционална поддршка, што директно ќе влијае на работните процеси и подобрување на условите за понатамошни активности.
Заложбите на дирекцијата за ТИРЗ и натаму остануваат во насока на проактивен пристап во соработката со инвеститорите, со цел навремена поддршка при решавање на проблемите, како и согледување на можностите кои се нудат, велат од таму.