Македонија
Димитров: Системот почна да се бори со криминалот, сеирџиство и банално ликување не помагаат
Системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа, напиша министерот за надвореши работи, Никола Димитров по вчерашната акција во која беше уапсен првиот човек на 1ТВ и неформалниот директор на „БМЈ Медиа груп“, Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Судот ноќесна му осреди 30 дена притвор. Јовановски е првоосомничен во најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Јовановска заедно со Зоран Милевски Кичеец е обвинет за примање награда за противзаконско влијание, како и за перење пари.
,,Никој не рече дека ќе биде лесно. Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: ,,Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа.
Дека ќе не’ биде и покрај се’ и заради се’. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе не’ биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе не’ биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не не’ биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега. Ќе не’ биде и точка!, напиша Димитров на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најстудено утрово било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени
Најстудено утринава било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени, а температури под нулата се измерени и во Битола, Берово, Маврови Анови, Прилеп, Крушево и Претор.
Во Петровец, Охрид, Штип, Велес и Крива Паланка утринава се измерени нула степени, а максималната утринска температура била 4 степени и е измерена во Гевгелија.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и наместа со услови за повремен слаб дожд, а на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, слично време со дневна температура до 10 степени.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.

