Свет
По убивањето на девојката, ги објави морбидните фотографии на нејзиното измачувано тело на „Инстаграм“
Младата интернет-ѕвезда од Њујорк беше убиена од момчето, кое на интернет ги објави страшните фотографии од нејзиното мртво тело. Ужасната сцена на социјалните мрежи стоеше повеќе од 12 часа поради што „Инстаграм“ наиде на критика.
Фотографијата на телото на тинејџерката Бјанка Девинс (17) во неделата ја шерува Брендон Ендру Кларк (21) околу 6.40 часот изутрината и покрај неа напиша: „Жал ми е, Бјанка“.
До неделата вечерта фотографијата сè уште беше активна и беше ставена зад замаглениот филтер за чувствителна содржина, објави „Базфид њуз“. Сепак, корисниците можеа да ја гледаат сликата со кликнување на екранот бидејќи „Инстаграм“ не сметаше дека тоа ги прекршува нивните правила.
Полицијата соопшти дека момчето ѝ го пресекол грлото на девојката со нож. По објавувањето на страшната фотографија на интернет, полицијата го лоцира. Тој бил пронајден во слепа улица во градот Утика.
Кога пристигнале на местото на злосторството, го нашле Кларк како се прободува со нож во вратот, пишува „Дејли стар“.
Потоа легнал преку зелената церада, под која го крил нејзиното тело, а потоа го извадил телефонот и си направил селфи лежејќи преку нејзиното мртво тело“, објави полицијата во Њујорк.
Наводно, младиот човек објавил фотографија додека полицијата била на местото на настанот.
Тие успеале да го разоружаат и да го одведат во притвор.
Кларк е обвинет за убиство од втор степен и му се закануваат 25 години затвор ако биде осуден, објави „Њујорк пост“.
Бјанка Девинс имаше над 35.000 следбеници на социјалните мрежи. Таа и Кларк се запознале пред два месеца на „Инстаграм“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Романскиот премиер Чиолаку води во првиот круг од претседателските избори
Романскиот премиер, Марсел Чиолаку и кандидатката на десниот центар Елена Ласкони освоија најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Романија, покажуваат излезните анкети и тие треба да одат во вториот круг.
Социјалдемократот Чиолаку, според проекциите, освоил околу 25 отсто од гласовите, додека Ласкони околу 18 отсто. Вториот круг од изборите е закажан за 8 декември.
Чолаку пред првиот круг од изборите беше фаворит меѓу 14 кандидати.
Најдобри изгледи имаа кандидатот на либерално-конзервативната реформска партија Ласкони која според излезните анкети доби 16 отсто и Џорџ Симион од екстремната десница кој доби 15 отсто од гласовите.
Претседателот ја одредува надворешната и безбедносната политика на земјата-членка на ЕУ, е врховен командант на армијата и е вклучен во проверките на тајните служби.
Клаус Јоханис е претседател 10 години и не може повторно да се кандидира.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Мора да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах
Шефот за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, повика на поголем притисок врз Израел и Хезболах за да се договори примирје меѓу завојуваните страни.
„Се сретнав со либанскиот премиер Наџиб Микати за да разговарам за итни чекори за ставање крај на конфликтот“, напиша тој на „Икс“ во неделата.
„Мораме да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах за тие да се согласат со американскиот предлог за прекин на огнот“, додаде Борел, кој го посети Бејрут.
„Израелската армија збриша 37 села во јужен Либан и продолжува да фрла бомби врз центарот на Бејрут“, рече тој. Ова мора да престане, како и нападите на Хезболах врз израелските заедници, додаде.
Без прекин на огнот, ниту Израелците ниту раселените во Либан не можат да се вратат во своите домови, напиша Борел на „Икс“ по неговите разговори со либанското раководство.
Борел се состана со Микати и со претседателот на парламентот Набих Бери, комесар на проиранската милиција Хезболах.
Соединетите држави со недели вршат притисок за примирје меѓу шиитските милиции и Израел. Посредникот Амос Хохштајн оваа недела повторно отпатува во Либан и Израел за да ги продолжи преговорите.
Хезболах го нападна Израел со силен ракетен оган во неделата, откако еден ден претходно во жесток израелски воздушен напад загинаа најмалку 29 луѓе во Бејрут.
Израел во неделата ги нападна јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, каде што интензивното бомбардирање во последните две недели се совпадна со знаците за напредок во преговорите за примирје на САД.
Хезболах, кој претходно вети дека ќе одговори на нападите врз Бејрут со таргетирање на Тел Авив, соопшти дека истрелал наведувани проектили врз воените постројки во и околу Тел Авив.
Свет
Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд
Будистичкиот манастир во централен Тајланд е под истрага по откривањето на 41 тело за кои се верува дека биле користени за специјална практика на медитација, соопшти полицијата.
Телата се откриени во саботата во манастирот Па Нахон Чаибоворн во централниот дел на земјата, соопшти полицијата, додавајќи дека кај секое тело биле пронајдени документи – потврда за смрт и потврда за донација тело.
Полицијата треба да провери кај семејствата на починатите дали доброволно ги дале телата.
„Сакаме да се увериме дека ниедно тело не е украдено“, соопшти полицијата.
Потрагата беше почната неколку дена откако полицијата во средата откри 12 тела во друг манастир во соседна провинција, објавија локалните медиуми.
Поглаварот на манастирот во провинцијата Фичит, каде што беа пронајдени 41 труп, Ајарн Саифон Фандито, рече дека употребата на труповите е дел од „техниката на медитација“ што тој ја развил.
„Многу од оние кои доаѓаат да учат се верници и сите овие монаси го пренесуваат тоа знаење. Не знам колку од нив ја прифатија мојата техника“, рече тој.
Поглаварот на манастирот рече дека „практичарите медитираат во павилјони во кои има ковчези со човечки останки“.
Полицијата во Фичит соопшти дека работи со властите во другите провинции за да утврдат дали оваа практика е широко распространета.
Овој метод на контемплативна медитација со трупови во различни фази на распаѓање се појавила во Тајланд во 18 век и била широко распространет до 20 век кога почнала да исчезнува.