Македонија
(Видео) Разрешени директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ

Премиерот Зоран Заев соопшти дека на денешната седница ќе предложи разрешување на десетици директори на јавни претпријатија и членови на управни одбори.
Меѓу нив се и директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ, Сашо Василевски и Драган Миновски.
Заев ќе предложи разрешување и на директорите на „Македонијапат“ – Гајур Кадриу, на Здравствен дом Скопје – Злате Мемедовиќ, потоа на тројца членови на Управниот одбор на МЕПСО – Магдалена Чижбановска, Ненад Крстевски и Томи Божиновски, економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство – Ваљон Бела, на Државниот архив – Кирил Петров и директорот на Агенцијата за лекови МАЛМЕД – Ќамил Ибраими.
Ќе биде предложено разрешување и на директорката на Клиниката за детски болести – Катерина Ставриќ, која веќе поднесе оставка, на директорот на „Европкомпозит“ – Златко Граороски, на директорката на Драмскиот театар – Викторија Рангелова-Петровска, на директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид – Елеонора Новаковска, на Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ – Стојанка Изова и на директорот на Агенција за странски инвестиции – Вулнет Адеми…
На листата се и членот на Надзорниот одбор на Развојната банка – Кирил Колемишевски, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извоз – Вулнет Адеми, директорот на ЈП „МЖ – Инфраструктура“ – Ирфан Асани.
На листата за разрешување се и началникот на УКБ – Горан Николовски и заменикот Ариф Асани.
„На некои ќе им понудиме друг соодветен ангажман. Од денеска почнува постапката пред Владата“, рече Заев.
Причините за предлозите за разрешување, според Заев, се сестрани, како недоволна транспарентност, непочитување на процедурите на Владата, некои од нив ќе бидат разрешени поради аферите што биле објавени во јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: „Храбриот“ Меџити наместо да дојде во Чаир заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, промовира туѓи проекти

Изет Меџити наместо да дојде во Чаир, таму каде што е најповикан заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, тој се исмева со граѓаните додека промовира туѓи проекти, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по промоцијата на електричните автомобили.
Арсовска вели дека проектот за споделување на автомобили е проект започнат во соработка со приватна компанија и претпријатијата на градот Скопје.
„’Храбриот’ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, вели Арсовска.
Срам за Македонија и оваа влада, додава таа, се Изет Меџити и Висар Ганиу.
„Замислете, човек кој стои позади стотици дивоградби, ставил во ризик илјадници граѓани, фалсификувал документи со својот измеќар, сега е вицепремиер и промовира туѓи проекти пред медиумите и граѓаните“, вели Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари

Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план за справување со пожари во претстојната сезона, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Во време на СДС, Заев се сончаше по плажите и не се врати во државата додека во Македонија беснееја пожари. Седум години државата беше оставена без пилоти и со стари возила и технички средства. 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем за управување со кризи“, пишува во реакцијата.
Од таму велат дека „Ер тракторите“ моментално се на сервисирање и во краток рок се очекува да има три „ер трактори“ во пресрет на сезоната на пожари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи посветено и има план за полесно справување во претстојната сезона на пожари“, велат од партијата.
Македонија
Јавно објавен предлог – законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Предлог законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство пристигна во Собранието, сѐ ќе биде јавно и транспарентно, објави пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Само што пристигна во Собранието – Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерството за реализација на инфраструктурните проекти. Ништо нема да биде скриено до јавноста и секој детал ќе биде јавно објавен и транспарентен. Ова е историски договор. Ова е историска работа за нашата држава“, вели Мицевски.
Заедно со граѓаните, додаде тој, се обврзавме на обнова на Македонија и тоа го правиме секој ден.
„Тие се нашиот партнер. Железница, студентски дом, болници, хидроцентрали и многу нови проекти. После стратешкиот договор со Обединетите Американски Држави – ова е уште еден огромен успех за Република Македонија“, рече Мицевски.