Свет
Француската војска и полицијата сè посилно ја поддржуваат десничарката Марин Ле Пен
Студија за изборните тенденции кај француската војска и жандармите откри засилен тренд на зголемување на поддршката за популистичката лидерка Марин Ле Пен и нејзиниот Национален собир, пренесува „Ле Фигаро“.
Студијата на „Ифоп“, спроведена за фондацијата „Жан Жорес“, ги анализирала општините со голем број војници во споредба со просекот на населението и открива дека во некои од нив, како што е Маили-ле-Камп, 50,4 отсто од гласовите отишле на контото на популистичката партија на европските избори годинава.
Во општината Суипе, дом на францускиот 40-ти артилериски полк, на европските избори исто така имало многу помасовно гласање (45,5 отсто) за партијата на Ле Пен од просекот за остатокот од департманот.
Студијата исто така ги анализирала локациите со избирачки места во урбаните средини во непосредна близина на жандармериските касарни и повторно откри повисоки проценти на гласовите за Ле Пен и нејзината партија од другите делови од градовите во кои биле лоцирани.
Во Дижон и Тулуз разликата била 17,4 отсто, а во јужниот град Хиер разликата помеѓу жандармериското гласање за Национален собир и просекот на градот изнесувал повеќе од 20 отсто.
Поддршката за Ле Пен кај полицијата е силна со години, а студијата на „Ифоп“ објавена во 2017 година, пред првиот круг од претседателските избори, покажа дека 51 отсто од жандармите, најверојатно, ќе гласаат за Ле Пен.
Иако голем број од просечните полицајци ја поддржуваат Ле Пен, полицискиот синдикат „Алијанса“ јасно стави до знаење дека не дале подддршка во мај 2017 година барајќи од полицајците да не гласаат за популистичката кандидатка.
И покрај повикот, многу полицајци во тоа време рекле дека ќе го игнорираат синдикатот и ќе гласаат за Ле Пен.
„Ако полицајците гласаат за Ле Пен, тоа е главно поради безбедносните политики“, изјави еден полицаец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Перу ја прогласи мексиканската претседателка за непожелна личност
Перуанскиот конгрес ја прогласи мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум за „персона нон-грата“, неколку дена откако Перу ги прекина дипломатските односи со Мексико поради тоа што Мексико ѝ одобри азил на поранешната перуанска премиерка Бетси Чавес.
Чавес, која била премиерка во времето на соборениот претседател Педро Кастиљо, се засолнила во мексиканската амбасада во Лима за да побара азил. Мексико соопшти дека азилот е даден согласно меѓународното право, одбивајќи ги обвинувањата на Перу дека станува збор за „непријателски чин“.
Перу го разгледува правниот основ — „Конвенцијата од Каракас“ од 1954 година — на која се повика Мексико.
Односите меѓу двете земји се затегнати уште од 2022 година, кога Мексико одобри азил на сопругата и децата на Кастиљо.
Бетси Чавес е обвинета за заговор во обидот за распуштање на парламентот и се соочува со казна до 25 години затвор.
Свет
Бундесбанк: Германската финансиска стабилност е во опасност
Германската централна банка е загрижена за зголемувањето на нивото на долг во Европа и заканата што произлегува од тоа за германската финансиска стабилност.
Високите коефициенти на јавен долг и БДП во Европа, со тренд на зголемување, претставуваат ризик, смета Бундесбанк, додавајќи дека повисоките јавни трошоци и товарот на каматата ја поткопуваат одржливоста на долгот на поединечните земји.
„Германскиот финансиски систем е длабоко интегриран во европскиот, а со оглед на клучната врска помеѓу државата и банките, ова би можело да претставува значителен ризик за неговата стабилност“, објаснува членот на извршниот одбор на Бундесбанк, Михаел Теурер.
„Германските фискални регулативи неодамна беа изменети и не гарантираат долгорочна одржливост или усогласеност со фискалните регулативи на ЕУ, што може да бара прилагодувања на фискалната политика на среден рок“, додаде претставникот на Бундесбанк.
Меѓу ризиците, централната банка го издвои и ризикот за квалитетот на портфолијата на германските банки во претерано неизвесна средина.
Обемот на нефункционални кредити расте веќе некое време, главно поради проблеми во секторот за комерцијални недвижности. Банките сè повеќе мора да прават прилагодувања на вредноста на нивните кредитни портфолија, иако велат дека неотплатените кредитни обврски сè уште се „во рамките на управлива рамка“.
Проценката на Бундесбанк за влошување на макрофинансиското опкружување оваа година е поткрепена и од трговската и од економската неизвесност и од постојаните геополитички тензии.
Свет
Шефот на ОН ги критикува светските лидери: Милијарди се трошат за заведување на јавноста за климата
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги критикуваше светските лидери за нивниот неуспех да го ограничат затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.
Научниците потврдија дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови околу 2030 година, што би можело да доведе до неповратни последици.
„Премногу корпорации остваруваат рекордни профити од климатското уништување, додека милијарди се трошат за лобирање, заведување на јавноста и попречување на напредокот“, рече Гутереш во својот говор.
„Премногу лидери остануваат заробеници на овие лични интереси.“
Земјите низ целиот свет трошат околу 1 трилион долари секоја година за фосилни горива. Лидерите имаат два јасни избори, рече Гутереш: „Можеме да избереме да водиме или да бидеме водени во пропаст.“
Конференцијата COP30 одбележува три децении разговори за глобалната клима. Во тој период, земјите делумно ги намалија проектираните зголемувања на емисиите, но не доволно за да го спречат она што научниците го нарекуваат екстремно глобално затоплување во следните неколку децении.
Светската метеоролошка организација (WMO) во извештајот наведува дека оваа година веројатно ќе биде втора или трета најтопла година досега, со просечни температури во август, по рекордните топлотни бранови во 2023 и 2024 година, 1,42 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.

