Топ
Тетовец со „голф“ влетал во десетмина пешаци, еден од нив тешко повреден

На локалниот пат село Горно Орашје – Тетово, во попладневните часови на 17 јули се случил посериозен сообраќаен инцидент во кој тетовец со автомобил влетал во поголема група пешаци.
Како што информираат од МВР, 61-годишник од тетовското село Мала Речица управувајќи автомобил „фолксваген голф“, удрил во десетмина пешаци од неколку села во околината на Тетово, на возраст од 46 до 76 години.
Во незгодата со тешки повреди се здобил еден од нив, 75-годишен жител на селото Јажинце. Тој бил пренесен во Клиничката болница во Тетово.
Останатите пешаци се здобиле со полесни повреди и пуштени се на домашно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Саркози од денес во затвор

Поранешниот француски претседател Никола Саркози беше дискретно пречекан во Елисејската палата од страна на сегашниот претседател Емануел Макрон во петокот, непосредно пред да започне со издржување на петгодишната затворска казна, која започнува денес. Саркози беше прогласен за виновен во септември за приклучување кон криминална група поради наводно либиско финансирање на неговата победничка претседателска кампања во 2007 година, објави Euronews.
Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, во текот на целиот мандат тврдеше дека е невин и веднаш поднесе жалба на пресудата. И покрај жалбата, затворската казна е „привремено извршлива“, што значи дека не може да се одложи и поранешниот претседател не може да избегне одење во затвор.
„Беше нормално за мене да го прифатам еден од моите претходници на човечко ниво“, рече Макрон, одговарајќи на прашање за посетата.
Во интервју за „Фигаро“ објавено во неделата, Саркози рече дека ќе влезе во затворот „со крената глава“ и дека со себе носи биографија на Исус и романот „Грофот од Монте Кристо“.
Иако денес оди во затвор, адвокатите на Саркози ќе можат да побараат негово ослободување од првиот ден. Судот има максимум два месеци да донесе одлука. Доколку барањето биде одбиено, тие ќе имаат можност да поднесат ново.
На 70-годишна возраст, Саркози би можел да ја отслужи казната во посебен оддел од затворот Санте во Париз, наменет за ранливи лица. Во пресудата, судиите го ослободија поранешниот лидер од три други обвиненија, вклучувајќи пасивна корупција и проневера, наведувајќи недостаток на докази дека парите од Либија биле користени за кампања или лично богатење.
Македонија
Најголема победа во првиот круг има Јане Мицевски во Сопиште со освоени 80,2% од гласовите, вети нов резервоар за вода

Кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, извојува најголема победа во првиот круг на овие локални избори со освоени 80,2% од гласовите на жителите со право на глас. Од запишаните 5.483 гласачи во оваа општина, на гласање излегоа 2.937 жители, а за него гласаа 2.524.
Тој на жителите на Сопиште им вети нов резервоар за вода, како еден од посериозните проекти на кои ќе работи во претстојниот мандат покрај многуте проекти за подобрување на инфраструктурата, спортот, образованието, безбедноста, транспортот и културата на кои рече дека активно ќе работи.
Мицевски на овие избори доби втор мандат од жителите на Сопиште. Тој и досега беше градоначалник на Сопиште. И во 2021 година во првиот круг беше избран за градоначалник со освоени 67,96% од гласовите кога за него гласаа 2.161 жител на општината.
Зад Мицевски со освоени 79,73% од гласовите е победата на Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ во Илинден, кој исто така на овие избори доби втор мандат од граѓаните. Од вкупно запишани 14.908 гласачи, на гласање излегоа 7.746, а за него гласаа 6.386 граѓани.
И на претходните избори во 2021 година кога го доби првиот градоначалнички мандат, Георгиевски беше избран во првиот круг со освоени 54,75% од гласовите кога за него гласаа 4..861 жител на Илинден.
Меѓу тројцата градоначалници кои извојуваа најголема победа во првиот круг на овие избори е и Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Петровец доби петти мандат со освоени 77,43% или 3.493гласа. Во оваа општина се запишани 8.144 избирачи, а на гласање излегоа 4.410.
Убедлива победа има и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ во Штип со освоени 76,74% од гласовите со што доби втор, последователен мандат.
Со 74% од гласовите победа во прв круг и втор мандат освои и Славе Андонов од ВМРО-ДПМНЕ во Василево.
Со убедлива победа трет мандат на овие избори освои Митко Јанчев кој доби 73,89% од гласовите, следуваат Марко Колев со освоени 73,34% од гласовите во Велес, Тодорче Николовски во Кратово со 73,2%, Киро Нацков во Градско со 71,92% од гласовите, Ристо Манчев во Босилово со 70,12 % од гласовите, а останатите градоначалници добија поддршка помала од 70% од гласовите.
Процентуално најголема поддршка вчера доби кандидатот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, Исен Шабани. Тој според податоците од Државната изборна комисија доби 88,13 % од гласовите, но гласањето мора да се повтори поради мал одѕив на изборите На гласање излегле 24,41% од запишаните граѓани со право глас место една третина колку што пропишува Изборниот законик.
Во првиот круг избрани се градоначалници во 43 општини,а во останатите, како и во Град Скопје градоначалник ќе се бира во втор круг, на втори ноември.
Македонија
Мециновиќ: Скопје се разбуди, надежта ќе ја претвориме во реалност во вториот круг

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Левица кој влезе во вториот круг на Локалните избори им се заблагодари на граѓаните кои му ја дале поддршката и посочи дека искреноста и креативноста и натаму допираат до луѓето.
„Скопјани мои најмили, ви благодарам од сѐ срце, за сите кои го дадоа својот глас, сите волонтери и активисти, сите кои агитираа, споделуваа и крајно веруваа дека Скопје заслужува повеќе. Она кое го изградивме во изминатите недели е показател дека искреноста и креативноста и понатаму допираат до луѓето.
Почнавме, додава тој, со замисла дека политиката може повторно да делува човечки.
„Сега кога веќе дојдовме до вториот круг, изборот е јасен: стариот систем кој го истроши градот и новиот кој заедно го градиме, кој ќе го стави колективниот интерес пред партискиот. Ова движење никогаш не се однесуваше на мене како кандидат, туку на сите скопјани кои одбраа да се надеваат наместо да се предадат.
Надежта ќе ја претвориме во реалност во овој круг – со храброст, достоинство и неизмерна љубов кон сопствениот град.
Скопје се разбуди. Сега сопствените соништа ќе ги види на јаве“.