Македонија
Новинарите избркани од зградата на Државниот просветен инспекторат
Половина час по почнувањето на седницата на дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат, на која се расправа за постапката на инспекторот Ѓорѓи Илиевски, се појави обезбедување и ги замоли новинарите да не чекаат во ходникот.
Обезбедувачот рече дека за да ги пушти новинарите на седницата и да чекаат во ходникот, требало писмено известување, кое не било стигнато.
Обезбедувањето од МВР на новинарите што седеа во ходникот и чекаа да заврши седницата, откако претходно не беа пуштени, им рече: „Тргни ги новинарите, ми кажаа“.
Претходно, портпаролот Јане Николовски коментира дека не му е јасно кој ги пуштил новинарите во зградата кога ќе имало изјава по седницата.
Дисциплинската постапка е закажана откако инспекторот Илиевски објави дека незаконски биле унапредени јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово (Арбер Адеми, Агим Нухиу, Сафет Емрули).
Постапката ја поведе Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а дисциплинската постапка за утврдување дисциплинска одговорност е испратена со потпис на директорот на ДПИ, Томе Спировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Финализиран проектот за обука за финансиски истраги, поддржан од Владата на Обединетото Кралство
Министерството за внатрешни работи изразува искрена благодарност до Амбасадата на Велика Британија и тимот за обука на Царската служба за приходи и царина за Западен Балкан, за успешната реализација на Проектот за обука за финансиски истраги кој се спроведува изминативе две години.
„Овој проект овозможи значителен напредок во знаењата и вештините на нашите претставници и претставниците на партнерските институции, вклучувајќи ги Финансиската полиција, Јавното обвинителство и Царинската управа. Доделувањето на меѓународно признати акредитиви е доказ за квалитетот на програмата и нејзината важност за зајакнување на нашите капацитети за справување со финансискиот и организираниот криминал“, велат од МВР.
Министерството посебно ја истакнува посветеноста на Владата на Обединетото Кралство за поддршка во борбата против сериозниот и организираниот криминал. Оваа соработка, како што се додава, е од непроценливо значење за зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедноста и владеењето на правото во нашата земја.
Со вакви проекти и заеднички заложби, продолжуваме да градиме побезбедна и стабилна иднина за сите наши граѓани.
Македонија
„Влен“: ДУИ како во холивудско сценарио оркестрирала сензационално враќање на Груевски
Јавноста деновиве дозна шокантни детали за тоа како ДУИ, како во холивудско филмско сценарио го оркестрирала сензационалното враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Скопје, велат од коалицијата „Влен“.
Од тука oбвинија дека во операцијата за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Северна Македонија, вмешани биле група шверцери предводени од претседателот на партијата Али Ахмети, поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој додека бил министер се сретнал со Груевски во Будимпешта.
„Во Вила Водно имаше средба за враќање на Груевски. На оваа средба што се одржа во март учествуваа Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи. Али, кој има толкава носталгија за Никола Груевски кој толку многу им нанел зло на Албанците, нагласи дека овој може да се врати на два начина, преку помилување од претседателот и преку „нашите луѓе„ во судовите. Сепак, ова беше најпозитивниот дел од средбата, кој го сними вработен во администрацијата. Колку што траеше средбата, тој успеа да го сними телефонскиот разговор од кабината на преведувачот, а на крајот истата снимка му ја предаде на Блерим Ќосето Беџети. Ахмети и ДУИ, за да го спроведат својот план за ослободување на Груевски, вршеа силен притисок врз Врховниот суд, но тука наидоа на неволност на претседателката на овој суд, Беса Адеми, против која подоцна беше покрената иницијатива за разрешување како резултат на неслушање на наредбите. Потсетуваме на јавноста дека тогаш холандскиот амбасадор го посетил Али Груевски во Мала Речица каде го предупредил дека тој и неговата партија треба да се откажат од судовите и да престанат со притисоците“, велат од „Влен“.
Додаваат и дека измените во кривичниот законик што ги спроведе ДУИ биле донесени за да се активира од Будимпешта.
Македонија
(Видео) Ветрот направи повеќе штети во Битола: Откорнати се покриви од згради, куќи, паднаа и бандери
Делови од Македонија во последното деноноќие беа зафатени со невреме проследено со силен ветер, што причини штети во неколку региони од државата, најмногу во Битола и Штип.
Според информациите од регионалниот Центар за управување со кризи во Битола, пожарникарите интервенирале на повеќе локации.
Меѓу штетите се паднат кров на две згради на улицата Нико Фундали, каде има настаната штета и на неколку возила.
Кровот се откорнал и од зградата кај печатницата Киро Дандаро, како и од зграда на улицата Хераклеа. Надлежните соопштија дека без дел од кровната конструкција останаа и две куќи на улиците Јанко Палигора и Партизанска.
Ветрот со јачина од 60 километри на час откорна и дрвја, билборди, а на земи завршија и голем број бандери во градот и жици кои предизвикале искрење.
Во Штип, според информациите имало повеќе паднати дрвја, како и откорнати делови од покриви на повеќе локации во градот и околината. Оштетени се електрични столбови, кровни конструкции на објекти, фасада од станбена зграда, олуци и автомобили. Појава на паднати дрвја како последица од вчерашниот силен ветер имаше и во селата Облешево и Истибања.
Прочитај повеќе: Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации
Ветрот направи проблеми и Охрид, Виница, Тетово. Интервенирано е поради откачен лимен кров, паднато дрво и бандера.
УХМР најави дека и денес ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец над 70 километри на час. Засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот.