Македонија
Министрите на владина седница ќе ги разгледуваат законите за ЈО и Советот на јавни обвинители
Владата денеска ќе ја одржи својата редовна 146. седница, на која на предлог на Министерството за правда ќе биде разгледан предлог-законот за јавното обвинителство, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.
На редовната седница на Владата ќе биде разгледана и информација за започнување постапка за воспоставување јавно приватно партнерство за реконструкција на МХЕЦ „Глажња” и МХЕЦ „Липково”.
Министрите во Владата денеска ќе донесат одлука и за предлог-законот за ратификација на спогодбата помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за учество на Република Северна Македонија во “Европскиот корпус на солидарност”.
Министерството за надворешни работи како точка на дневниот ред на денешната седница го предлага предлог – законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) – Прешево (Република Србија).
На предлог на Министерството за внатрешни работи за оваа седница доаѓа информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи во Република Северна Македонија.
Министерството за информатичко општество и администрација за оваа седница ќе ја презентира информацијата за модернизација на единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и воведување нови форми за вклучување во процесот на креирање политики.
Редовната, 146. седница на Владата на Република Северна Македонија е предвидено да почне во 12:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

