Економија
Бектеши: Градиме предуслови за иднината на Попова Шапка
Интензивно се работи на реконструкција на патотот од Тетово – Попова Шапка, а се очекува до крајот на септември оваа делница долга 18,2 километри да биде целосно реконструирана, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, денеска направија увид во изградбата на овој пат кој води до зимскиот центар Попова Шапка.
Како што истакна министерот Бектеши, овој патен правец е исклучително важен, не само за локалното население во Тетово туку и за сите туристи коишто ќе сакаат да ја посетат Попова Шапка. Бектеши информираше дека Владата е во тесна соработка со локалните власти за да се изнајде решение и за внатрешната инфраструктура на ски-центарот Попова Шапка.
„По завршувањето на реконструкцијата на главниот пат кој го поврзува Тетово со Попова Шапка во директна соработка со Општина Тетово ќе започнеме со реконструкција и на локалните улици во Попова Шапка“, истакна Бектеши.
Министерот информираше дека Владата е посветена да се врати сјајот на Попова Шапка како туристичка дестинација, а активностите за тоа веќе се започнати.
„Жичницата на Попова Шапка е во завршна фаза и во моментов вработени ЕЛЕМ Турс се обучуваат за да се стави во функција. На сите посетители на Попова Шапка ќе им обезбедиме дополнителна можност за да ја користат жичницата, која ги исполнува сите меѓународни критериуми, не само во текот на зимската сезона за скијање, туку ја разгледуваме можноста жичницата да работи и во други сезони земајќи го предвид растечкиот тренд на планинскиот туризам“, кажа Бектеши.
Во однос на иднината на зимскиот центар Попова Шапка, во чии рамки е ски-центарот Попова Шапка, како и хотелите „Славија” и „Попова Шапка“, министерот информираше дека во моментов се изготвуваат длабинска анализа и физибилити-студија од страна на компанијата „Прајсвотерхаус Куперс“ кои треба да покажат која е економската оправданост за инвестиции во иднина.
„До 20 октомври ЕЛЕМ Турс треба да ја добие анализата на ‘Прајсвотерхаус Куперс’ која се однесува на моделот на трансформација и ние како Влада ќе одлучиме на кој начин во иднина ќе ја развиваме Попова Шапка. Може да се даде под концесија, може да се даде на јавно-приватно партнерство, но ние не можеме да донесеме одлука пред да имаме готова анализа за економската оправданост“, потенцираше министерот Бектеши.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека ова е многу значаен пат кој не само ќе придонесе за унапредување на туризмот туку ќе даде и дополнителен стимул во развојот на Попова Шапка и за Тетовскиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

