Македонија
(Видео) Царовска на маалска средба во општина Центар: Создадовме систем кој извлекува од сиромаштија

Членката на ЦО на СДСМ Мила Царовска придружувана од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и други членови на СДСМ, попладнево одржа маалска средба со граѓаните на општина Центар.
На средбата со присутните граѓани се зборуваше на повеќе актуелни теми кои ги засегаат граѓаните, но и теми од областа на социјалната политика кои ја унапредуваат детската и социјалната заштита.
„Социјалните реформи даваат видливи резултати, а како дел од тие реформи се и покачувањето на платите на вработените во градинките за 16 отсто, раст на платите на социјалните работници за 23 отсто, вработувања на нови кадри во градинките што воедно претставува вложување на квалитетот на услугите во детските градинки“, истакна Царовска.
Таа порача дека бележат тренд на раст на пензиите кои растат и ќе продолжат да растат согласно трошоците за живот и растот на економијата.
Осврнувајќи се на мерките од социјалната заштита, Царовска истакна дека за прв пат лицата со тешка и најтешка интелектуална попреченост добиваат месечен надомест од државата од 8.000 денари, додека, персоналната асистенција во домот е нешто што исто така за прв пат се воведува, а државата го пренесува на локално ниво односно на општините.
„Зголемената социјална помош за 300 отсто, зголемениот опфат на деца за детски и образовен додаток се само дел од мерките од новата социјалната реформа која обезбедува повеќе пари кај граѓаните, ја намалува детската сиромаштија и ги унапредува правата на лицата со попреченост“, посочи Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извештајот на Вајц за напредокот на Македонија денеска пред европратениците

Европскиот парламент денеска ќе гласа за Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц.
Извештајот првично требаше да се најде на дневниот ред на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц. Тогаш тој нагласи дека посведочил интензивни политички дебати околу извештајот, но апсолутно стои зад документот. Потенцира дека се работи за извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија, кој нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека имало обиди да се нанесе удар на македонскиот идентитет, преку внесување на изрази како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик, но тие удари успеале да ги амортизираат.
Седницата на Комитетот за надворешни работи почнува во 9 часот, а извештајот на Вајц е првата точка на дневниот ред. На усвојувањето на извештајот најмногу се противат бугарските европратеници. Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека извештајот нема меѓународно правно обврзувачка природа, а Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот и јазикот.
Македонија
Земјотрес од 4,5 степени во Албанија, почувствуван и во делови од Македонија

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Албанија, а беше почувствуван и во југозападните делови Македонија.
Според информациите на сеизмолошката опсерваторија, потресот се случил во 5 часот утринава на 158 километри југозападно од Скопје.
Македонија
Сончево и топло со температури до 38 степени

Времето денеска, сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 29 до 38 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во наредните денови следува период на топло време со пораст на температурите. Особено топло се очекува од среда до петок кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.
Во петок попладне и во вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи, а пад на температурата за неколку степени се очекува за време на викендот кога ќе дува умерен до засилен северен ветер.