Спорт
Суспензија и парична казна за Меси

Ѕвездата на Барселона и Аргентинската репрезентација, Лионел Меси, доби суспензија и парична казна поради црвениот картон и коментарите што ги упати на адреса на судијата Марио Дијаз кој го исклучи на мечот против Чиле, одигран на Копа Америка.
Аргентинецот влезе во вербален дуел, кој можеше да се претвори и во физичка пресметка со Фери Медел на натпреварот за третото место на Копа Америка. За да ја смири ситуацијата судијата Дијаз на двајцата им покажа црвени картони.
По мечот, Меси ‘удри’ по судијата и по организаторите на Копа Америка. Порача дека првенството е наместено за Бразилците да триумфираат. Аргентина на Копа Америка во полу-финалето загуби од Бразил 0-2, а на тој меч не беше суден барем еден пенал за нив.
„Не треба да биде дел од оваа корупција, покажаа непочитување кон нас. Не ни дозволија да играме во финалето. Корупција, судиите не им дозволија на луѓето да уживаат во фудбалот“, рекол Меси.
За можните санкции против него, Меси тогаш изјавил.
„Нека прават што сакаат, вистината мора да биде кажана“.
Казната за ваквите изјави или за според него кажувањето на вистината го стигна 20 дена подоцна. КОНМЕБОЛ соопштија дека тој ги прекршил правилата на однесување. Супендиран е на еден натпревар и парично е казнет со 1.500 долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Атлетико без најдобриот играч отпатува во Ливерпул

Ливерпул, утре, ќе го пречека Атлетико Мадрид во еден од најпривлечните натпревари во првото коло, во Лигата на шампионите.
„Јорганџиите“ ќе бидат хендикепирани на „Енфилд“, тренерот Диего Чоло Сименоне нема да може да смета на првиот напаѓач, Хулијан Алварез.
За време на викендот против Виљареал, Аргентинецот почувствува непријатност во коленото, беше заменет, а по лекарските прегледи беше одлучено да се одмори и да го прескокне дуелот со шампионите на Англија.
Во негово отсуство, нападот на Атлетико ќе го предводат Антоан Гризман и Александар Серлот.
Атлетико објави дека Тијаго Алмада, Алекс Баена и Хозе Марија Хименез ќе го пропуштат натпреварот со Ливерпул.
Натпреварот во Ливерпул ќе започне во 21:00 часот.
Спорт
Седумте величествени на Карло Анчелоти

Селекторот на Бразил Карло Анчелоти (66) ги избра најдобрите играчи што ги тренирал во својата богата тренерска кариера. Италијанецот избра седум играчи.
Заедно со Модриќ, Анчелоти ги додаде и Бразилците Роналдо Назарио и Кака, кои ги тренираше во Милан, Дидие Дрогба од Брегот на Слоновата Коска, со кого работеше во Челзи, и ѕвездите на Реал Лука Модриќ, Винисиус Жуниор, Тони Крос и Кристијано Роналдо.
Карло Анчелоти е еден од најуспешните и најпочитуваните фудбалски тренери на сите времиња. Неговата тренерска кариера започна во средината на 1990-тите, а преку долгогодишна работа тој ги водеше врвните клубови низ Европа и освои импресивен број трофеи.
Откако ја заврши фудбалската кариера, тој започна како помошник тренер на италијанската репрезентација под водство на Ариго Саки на Светското првенство во 1994 година.
Во раната фаза на самостојната тренерска кариера ги тренираше Реџана, Парма и Јувентус помеѓу 1995 и 2001 година. Кариерата во нагорна линија започна да му се движи кога стана тренер на Милан (2001 – 2009), освои голем број големи трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите.
Тој ги водеше германскиот Баерн Минхен, англискиот Челзи (ја освои Премиер лигата и ФА Купот), францускиот Пари Сен Жермен (шампион на Лига 1) и шпанскиот Реал Мадрид, каде што постави рекорди по бројот на освоени трофеи и Лигата на шампионите.
По Реал Мадрид, тој ги тренираше Наполи и Евертон, се врати во Реал, а од јуни 2024 година е селектор тренер на Бразил.
Вкупно, тој освои пет Лиги на шампиони, што е рекорд за тренер. Тој освои лиги во сите пет најдобри европски првенства (Италија, Англија, Франција, Германија, Шпанија).
Три пати го освои Светското клупско првенство на ФИФА. Има пет Суперкупови на УЕФА.
Вкупно, тој освои 15 трофеи со Реал Мадрид, што го прави најтрофеен тренер во историјата на клубот.
Foto/ EPA
Спорт
Аморим доби поддршка од челниците на Манчестер јунајтед

Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, вети дека нема да ја менува својата фудбалска филозофија, а клупските челници не планираат да го сменат тренерот, објавија британските медиуми.
„Клубот од Олд Трафорд има долгорочен план и иако постои незадоволство од моменталните резултати, нема да има ненадејни реакции или по секој натпревар да се преиспитува иднината на тренерот, без разлика колку е гласна бучавата однадвор“, објави „Скај Спортс“.
Откако легендарниот Сер Алекс Фергусон го напушти Јунајтед пред 12 години, клубот имаше осум тренери и двајца привремени тренери.
„На Аморим му е потребен добар настап и резултат во претстојниот натпревар против Челзи за време на викендот, во спротивно повиците за негово отпуштање само ќе растат“, пишува „Скај Спортс“.
Во недела на „Етихад“, Јунајтед го загуби дербито на Манчестер против Сити со 0:3.
Со четири бода од првите четири натпревари, Јунајтед го има најлошиот старт во Премиер лигата од сезоната 1992/1993. Тимот беше елиминиран и од Лига купот, со сензационалниот пораз од тимот од четвртата лига Гримсби на пенали.
Минатата сезона, Јунајтед освои најмалку бодови во својата историја во Премиер лигата (42).
Foto/ EPA