Македонија
Алијансата за Албанците: Власта со полна уста зборува за спроведување закони, а на Усеини сè му се заборава
Последниот случај во Охрид, кој се однесува на Нефи Усеини, кој секој ден се споменува во домашните медиуми, најдобро опишува дека државните институции се заробени од страна на партнерите во владејачката коалиција и селективната правда во земјата, велат од опозициската Алијанса за Албанците.
Од таму потсетуваат дека Нефи Усенини е советник во Советот на Општина Охрид од редовите на ДУИ и дека од компаниите што ги води Град Охрид, неговата компанија „Нефи ИК“ добива тендери со висока вредност.
„За две години има добиено 8 тендери во вредност од 225.000 евра. Неговата компанија ‘Нефи ИК’ има потпишано 5 договори со ЈП ‘Охридски комуналец’, два договора со ЈП ‘Градски гробишта’ и еден договор со ЈП ‘Нискоградба Охрид’“, се наведува во партиското соопштение.
Од Алијансата за Албанците посочуваат и на бетонската база „Нефи инвест“, лоцирана кај Охридското Езеро, која, како што велат, е дивоградба што се гради на перцела на Исламската верска заедница.
„Усеини почна со изградба на бетонската база пред пет месеци, без потребната документација, без одобрение за градба и без еколошки дозволи. Зелениот простор кај Охридското Езеро се претвори во градилиште. Изградбата на објекти во оваа област е строго определена, а самата област е заштитена од УНЕСКО, што значи дека е строго забрането изградбата на овој вид објекти кои може да предизвикуваат еколошки проблеми. Неофицијално, парцелата на која е изградена бетонската база е во сопственост на Исламската верска заедница“, стои во соопштението.
Од партијата потсетуваат и за узурпацијата на јавен имот и нелегалната изградба на комерцијалниот хотелски објект „Луна“ во стариот дел на градот Охрид, на чие свечено пуштање присуствувал и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
„Дури и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, иако е должен да го спроведе законот, тој се обидува да ги прикрие делата на Нефи Усеини и да му помогне да спроведува планови“, додаваат од Алијансата за Албанците.
Како сето ова да не беше доволно, Нефи Усеини физички го нападна и му се закани со смрт на професорот Илјаз Илjази, кој се осмелил нелегален случај поврзан со него да пријави во полиција, велат од партијата.
„Ова е трет напад за неколку месеци каде што учествува Нефи Усеини. Во април нападна инспектор од Скопје, кој беше заминат во Охрид за да изврши увид во дивоградбата на охридскиот советник. Во јуни Усеини физички го нападна својот колега од Советот, Џелал Мена“, потсетуваат од партијата на Села.
Од таму додаваат дека необјасниво е како Општината молчи за нелегални узурпации и приклучоци.
„Сите молчат и се преправаат како ништо да не се случило. Со полна уста зборуваат за спроведување на законот, но продолжуваат со старата песна. Кога станува збор за моќниците од ДУИ, тогаш може да се користи само аргументот на сила и никому ништо, за неколку дена сè ќе биде заборавено“, стои во соопштението во кое Алијансата за Албанците ги повикува надлежните органи да преземат соодветни мерки во согласност со законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

