Свет
(Видео) 2.700 пожарникари се ангажирани за гаснење на пожарите во Сибир

Веднаш по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја испрати армијата во Сибир за гаснење на пожарите, руското Министерство за одбрана соопшти дека испратило десет авиони и десет хеликоптери на подрачјето на Краснојарск, кое што е најпогодено од пожарите коишто ги гаснат 800 пожарникари.
Шумските пожари се невообичаени за Сибир а предвикани се од температурите кои достигнаа 30 степени, сувите грмушки и од силниот ветер.
Вкупно 2.700 пожарникари се ангажирани за гаснење на пожарите, додека во пет области е прогласена вонредна состојба. Речиси три милиони хектари земјиште е зафатено од пожарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина нуди 500 евра годишно за секое дете во период од три години за да го поттикне наталитетот

Поради заканувачката демографска криза, Кина почна да им нуди финансиска помош на родителите за да ги поттикне раѓањата. Новата мерка предвидува родителите да добиваат околу 3600 јуани (околу 465-500 евра) годишно за секое дете помладо од три години.
Тоа значи дека за цел период од три години, по едно дете родителите може да добијат вкупно околу 10.800 јуани, односно приближно 1500 евра. Субвенцијата ќе се плаќа и ретроактивно, па семејствата со деца родени од 2022 година наваму може да аплицираат за помош.
Оваа мерка е дел од пошироките напори на кинеската влада да го зголеми паднатиот наталитет, и покрај укинувањето на политиката на едно дете пред речиси една деценија. Во моментов, трошоците за одгледување деца во Кина се меѓу највисоките во светот, па државата се обидува да им помогне на семејствата да ги покријат овие трошоци.
Локалните власти веќе имаат слични иницијативи, како во градовите Хоххот и Шењанг каде се нудат дополнителни финансиски стимули за семејства со повеќе деца.
Сепак, официјалните податоци покажуваат дека популацијата на Кина опаѓа по трет пат по ред, а населението старее, што дополнително ја зголемува загриженоста за иднината на земјата.
Свет
Русија: Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот

Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот, а Русија сама води борба против целиот тој регион, тврди рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува „Њузвик“.
„Досега – дури и за време на Студената војна – постоеше дијалог, што им овозможуваше на спротивставените блокови подобро да ги разберат намерите на другата страна, со главна цел да се спречи голема војна“, изјави Лавров на Националниот образовен младински форум Terra Scientia, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
„Меѓутоа, Европа го изгуби тој инстинкт, а исто така, вакцината против нацизмот почна да слабее.“
Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати го наведуваше наводниот неонацизам во Украина како една од причините за напдот врз земјата во февруари 2022 година, кој сè уште трае.
„Силите кои во минатото сакаа да ја уништат Русија повторно се раѓаат во Европа и сега за своја ударна точка ја избраа Украина, безрезервно одобрувајќи сè што таа прави“, рече рускиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека овој конфликт се разликува од Првата и Втората светска војна затоа што Русија „нема сојузници на бојното поле“. „Мораме да се потпреме на себе и нема место за слабост“, нагласи Лавров. „Мислам дека секој ден можеме да видиме како Европејците навистина сакаат да ја поразат Русија“, додаде тој.
Трамп вчера изјави дека ќе го скрати 50-дневниот рок што претходно ѝ го даде на Русија за постигнување прекин на огнот, во спротивно ќе се соочи со санкции.
„Многу сум разочаран. Разочаран сум од претседателот Путин. Многу разочаран. Така што, ќе мораме нешто да преземеме и ќе го скратам тој рок од 50 дена што му го дадов“, изјави Трамп пред новинарите.
„Едноставно не гледаме никаков напредок“, изјави Трамп вчера и нагласи дека планира да воведе санкции кон Русија за околу 10 или 12 дена.
Свет
Крвава расправија за паркинг во Атланта: Еден загинат, десет ранети

Едно лице е убиено, а десет се ранети во пукање што се случило рано во понеделникот во Атланта, потврди локалната полиција. До престрелката дошло во популарна четврт позната по ноќниот живот, а инцидентот се случил по викенд обележан со бран вооружено насилство.
Полицијата примила дојава за пукање околу 1:30 по полноќ на улицата Еџвуд, во четвртта Свиит Оборн. На местото на настанот биле затекнати 11 застрелани лица, од кои едно, 27-годишен маж, починало на самото место. Неговиот идентитет сè уште не е објавен. Останатите жртви, на возраст од 18 до 29 години, биле пренесени во болница.
Според зборовите на шефот на полицијата, Дарин Ширбаум, еден 18-годишник е во критична состојба, а уште едно лице било оперирано. Се верува дека трагичниот настан бил предизвикан од бизарна расправија околу паркинг место. Полицијата интензивно трага по тројца мажи и една жена, за кои се сомнева дека го започнале конфликтот, и ги повикува граѓаните да споделат корисни информации.
На местото на инцидентот било пронајдено огнено оружје и 34 чаури. Иако точниот мотив сè уште се утврдува, полицијата засега не се сомнева на поврзаност со банди и верува дека поголемиот дел од жртвите биле случајни минувачи.
Ширбаум истакна дека овој инцидент е дел од црн викенд кој го зафати градот, во кој во 12 насилни инциденти биле повредени вкупно 29 лица, а две починале. Останатите инциденти вклучувале семејно насилство и конфликти поради блокирање на возила.